| четврток, 6 декември 2018 |

Владата не им го одложува еколошкото приспособување на компаниите

makstil

Две металуршки компании досега воопшто или многу малку инвестирале во мерките за исполнување на еколошките стандарди и тие, најверојатно, нема да можат да се усогласат со оперативните планови за добивање А-интегрирани еколошки дозволи – тоа се „Макстил“ од Скопје и „Југохром“ од Јегуновце, посочи вчера министерот за животна средина Абдулаќим Адеми, пишува Дневник.

 

Тој објасни дека Владата завчера донела одлука дека нема да им го одложи рокот за еколошко приспособување на компаниите, кој е до 1 април 2014 година. По таа дата ќе работат само оние фабрики што вложија пари во изградба на филтри, пречистителни станици и во други екоинвестиции, а другите ќе добијат клуч на врата. Законот за заштита на животната средина, кој е донесен во 2005 година, предвидува само еден вид санкција за оние што во април 2014 година и натаму загадуваат – затворање.

– Не сите компании ќе успеат да се усогласат во законскиот рок. Некои фабрики досега воопшто и не почнале да инвестираат во еколошките мерки, како „Макстил“ и „Југохром“, кои, за да работат еколошки, треба да вложат 12, односно 17 милиони евра. Но, рокот нема да се пролонгира и по цена некои компании да бидат затворени. Ние сакаме да се развива економијата, но цврсто стоиме и на определбата дека на нашите граѓани треба да им обезбедиме чиста и здрава животна средина – рече министерот Адеми.

Тој укажа дека имале повеќе средби со претставниците на металуршките компании на кои им укажале дека нема да им го пролонгираат рокот.

– Владата и Министерството апелираат до сопствениците на инсталациите во овој период да ги интензивираат активностите за исполнување на оперативните планови, кои се дефинирани во самите еколошки дозволи и до крајот на февруари да го известат министерството за статусот – рече Адеми и додаде дека во февруари нема да имаат поинаков став од сегашниот.

Министерот објасни дека на почетокот од годината петте компании од металургијата, „Макстил“, „Скопски легури“, „Југохром“, „Фени“ и „Арчелор Митал“, како и енергетската компанија „Балкан енерџи груп“ за топланата „Исток“, побарале да им биде одложена обврската да ги исполнат еколошките стандарди до 1 април 2019 година. Министерството ги разгледало барањата, а Владата донесе одлука дека ги одбива.

Досега до Министерството се пристигнати 130 барања за еколошки дозволи, а издадени се 16 А-интегрирани дозволи и 36 дозволи за усогласување со оперативен план. До крајот на годината Министерството ќе ги издаде сите други дозволи и апелира и општините до тој рок да ги подготват сите Б-дозволи.

Во изминатиов период повеќе министри јавно настапија со став дека екологијата станува приоритет и дека големите компании со години знаат што и колку треба да вложат и крајно време е да престанат да загадуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top