
Колумнист:
Ацо Станковски
Во контекстот на големата мултимедијална претстава, по повод веќе традиционалната „Бела ноќ“, која овој пат ја зафати неочекуван студ, беше поставена и амбициозната изложба со наслов „Уметникот и диктатурата“. Идејната поставеност беше добро смислена и целта на овој „уметнички преглед“ на историјата на македонската општествено-критичка уметност беше да се покаже каков ликовно-естетски пристап имале уметниците од ова културно милје во третирањето некои теми што претставувале интерес за еден поголем дел од светската уметничка сцена. Диктатурата како општествено-политичка тематика е евидентирана во европската уметничка практика одамна, уште од времето на социјалкритичката уметност на Георг Грос и Ото Дикс, но овој тип креативни стратегии можат да се забележат дури и многу порано, кај Оноре Домије, на пример, а корените на овој однос кон творештвото може да се поместат дури и кај големиот шпански автор, Франциско Гоја.
Импонира трудот, интересот и визијата на младите куратори на оваа ликовна поставка, структуралната поделеност на специфичните периоди од историјата на македонскиот политички простор и, секако, уметничката практика по повод овие прашања и предизвици кај одредени творци во историјата на македонската уметност. За секој период, имено, беше одреден еден историчар на уметност, кој во својство на селектор би ја имплементирал својата визија на мноштвото дела кои се појавувале на уметничката сцена и кои биле, на некој начин, критички инспирирани од состојбите во општеството. Потоа, секој од овие соработници на идејните иницијатори на поставката ја елаборираше својата селекција на авторите и делата со свои оригинални теориско-критички текстови, во кои требаше да се расветлат одредени дилеми и тези по повод ова специфично претставување, за кое претпоставувам дека е и прво од ваков вид кај нас.
И сето тоа би бил извонреден културен настан, каков што и всушност беше, да не се појавеше едно невообичаено деградирање на професијата – историчар на уметност, кај еден од селекторите од овој сложен мозаик на презентација на македонската општествено-критичка уметност. Имено, се работи за крајно нестручниот текст на селекторот, кој работеше на периодот од 1945 до 1991 година. Можеби, доколку овој историчар на уметност, кој често се појавува на „мрежата“ со критички текстови кон одредени творци и куратори од уметничката сцена, со крајно вулгарна и проста реторика, нарекувајќи ги сите оние кои не се по неговиот партиско-политички вкус „шутраци“ и би се задржал на гола цитатологија без коментари, значи и би поминало некако, мислам на некоја минимална валидност на текстот, кој го напишал по повод својата селекција на дела. Но, во случајот, најверојатно од недоволното познавање на вистинските состојби во светската уметност, тој дискрепантно застранува во своите толкувања, не знаејќи вистински на што се однесува одредениот цитат. Можеби човекот е премногу политизиран, пред сè, во смисла на дневната политика како и политичкиот тренд на фрустрираната опозиција, исполнета со псевдореволуционерна реторика. Но, едно е сигурно, тука флагрантно недостасува темелно познавање на културната клима и дискурсот кој се воспоставил во времињата на историскиот модернизам, на кој се осврнува овој недоветен критичар на уметноста.
Кога тој говори за Пикасовата борба против смртта на уметноста, тој веднаш лепи тенка идеолошка и политикантска обланда на Пикасовиот цитат заборавајќи, можеби, на најпровокативната девиза во времето на историската авангарда – „Die Kunst is tot” (уметноста е мртва), изречена од страна на дадаистите во 1917 година. Потоа, величајќи го Пикасовото антиреакционерно поведение, заборава дека самиот Пикасо има бројни искази во однос на апстрактната уметност, одбивајќи да биде дел од овој процес во уметноста од безброј причини, кои тој умно и луцидно ги елаборира во своите бројни осврти. Потоа, нашиот недоветен критичар продолжува да јава на бранот на потрошениот комунистички идеал (но во еден демократски, значи социјалдемократски, контекст), па следејќи ја Пикасовата аверзија кон соцреализмот, почнува со пофални зборови и гордост да сведочи, како во македонската уметност не е направен ниеден портрет на Сталин. Тука тој, наводно, го амнестира македонскиот соцреализам од апологетиката кон тоталитаризмот, кутриот, не знаејќи дека самиот Пикасо, како вехементен поддржувач на комунистичката идеологија (сè до неговото разочарување по посетата во Москва), направил десетици портрети на Јосиф Висарјонович Сталин! Така нашиот историчар на уметност, кој сака своите опоненти да ги нарекува „шутраци“, прави неколку стратешки грешки во својот недоветен текст.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


