| четврток, 6 декември 2018 |

Перцептивен лапсус: меѓу зортот и лезетот

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

 

Луѓето не ги вознемирува она што се случува
Туку тоа што мислат дека се случува
Епиктет (50 – 138)

 

Според учењето на Епиктет, човек мора да научи во животот како да ги разликува работите на коишто може да влијае, од оние на кои не може. Дури со таквото знаење и вештина може да постигне душевна благосостојба и среќа. При тоа, продолжува Епиктет, за работите на кои не може да влијае, треба да бара индивидуално решение. Оние настани и случувања на кои нема директно влијание, треба „стоички“ да ги поднесе – да ги прифати такви какви што се. И уште, не треба да се вознемирува за нештата што се случуваат поради природните закони.

Мудрата порака на Епиктетовото искуство лесно ја пронаоѓа својата зона на комфор во онаа позната поговорка која вели – Боже, дај ми сила да го издржам она што не можам да го сменам, да го сменам она што можам, и дај ми разум да ги разликувам тие две работи. Дали е лезет или е зорт? Или само современа интерпретација на Епиктет…

Во животот овие две работи обично се врзани во јазол. Едниот крај на јазолот е врвно задоволство, а другиот го допира дното. И само големите луѓе имаат осет за разврзување ситуации од типот Гордиев јазол.

Радикалните вистини никогаш не се искажливи со зборови. Тие се живеат.

Зорт е кога во првиот дел од животот не знаеш што сакаш. И одиш контра сè што не сакаш.

Лезет е придобивка од каква и да е когнитивна терапија, што со примена на долго гладување те подготвува да уживаш без претерување.
Лезет е и правата мерка. Ништо премногу. Малку е многу.
Средината е царска. Лезет.
Да си невидлив е лезет.
Да си видлив привлекувајќи внимание е зорт. Политички линч е зорт. Лов на вештерки, барање влакна во јајцето, на јазикот, дрвени железа, особено челик.
Зорт е да потонеш во претоварен емигрантски брод. Да погинеш во егзил.
Зорт е да умреш како куче во државна болница. Зорт е да бидеш погребан во масовна гробница. Зорт е да те прегази воз само поради тоа што си далтонист и не ги распознаваш боите на семафорот.

Како се отвора дизната на лезетот? Само да мислиш позитивно не е доволно. Автохипнозата не помага којзнае колку во затворските ѕидови иако затворот е единственото место на овој свет каде што може да се сфати слободата.

Најблиската дестинација на прогонетите коишто најпрво биле принудени да глумат, а потоа тоа им станало второ јас. Копнежот по слободата. Или резигнираност и помиреност со судбината. Или најблиската подваријанта на тоа.

Умот е важен. Кога ја бара и достигнува вистината и слободата. А, телото? Телото може да лета кога умот е слободен. Толку е лесно. Зорт е кога умот е заробен. Телото тогаш подлегнува на законот за гравитација. Станува тешко како туч. Зборовите што излегуваат од таквото тело се тешки како олово.

Лезет е да можеш да го кажеш вистинскиот збор во вистинското време на вистинското место. Врвна уметност. Да можеш да молчиш кога е потребно, исто така. Да научиш да зборуваш на јазикот на тишината е придобивка на композиторите бидејќи музиката е отаде појавното. Индијанците велат дека секое растение има своја мелодија. И само ако се скриеш во некое ќоше од тишината, можеш да го чуеш звукот што не може да го улови човечкото уво.

Зорт е кога си принуден да одбереш, а ниту едното ниту другото не ти погодуваат. Кога чекајќи ја третата понуда, погледнуваш во часовникот и наеднаш сфаќаш дека гледаш во календар. И слично на филмот „Денот на дабарот“, повторно си во европската канцеларија за врски со истата препорака еве веќе петта година!? Само што сега на твоето лице има брчки, а во твоите чевли километража.

Новите генерации што во меѓувреме израснале во свежа политичка крв не мора да бидат обременети со тежината на нерешливите праисториски контроверзи. Тие можат веднаш да преминат на проблемот на генетски модифицираната храна. Зорт. И ако имаат барем малку талент за критичко размислување, ќе можат да направат разлика меѓу портокалите без семка и портокалите со семка. Лезет. Едните растат во лабораторија, а другите на плантажи.

Исто кога треба да се одбере меѓу банана со чистожолта боја и банана со точки. Треба да се одбере онаа со точкеста површина, другата има поголеми …

Поголеми шанси да е отровна. Лезет е кога препродавачот на банани под тезга ти дава од оригиналниот производ и за пониска цена, а за да преживее самиот мора да ги продаде фалсификатите за повисока цена. Отровот не се пресметува кога се мери бруто-тежината.

Парадоксот е зорт бидејќи неговата скриена логика или ќе те поттикне да го развиваш својот потенцијал или ќе те натера да се откажеш од сè. Но, како да откриеш колку удари со чекан може да поднесе твојот таламус? Нема таков експеримент што во себе не би ја вклучил можноста за смрт како генерална проба, со најава дека никогаш нема да има премиера. Само еднаш може да се излета од кривина со неприспособена брзина на патот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top