Полицаец бил нападат и повреден од повеќе селани во обид да им го одземе нелегално исеченото огревно дрво, велат од охридската полиција. Вчера во струшкото село Заграчани, околу 17 часот е повреден еден полицаец додека ја вршел својата должност. Медицинските лица кај него констатирале лесни повреди во пределот на главата, вратот и на левото рамо.Во близина на струшкото село Вишни граничната полиција при контрола констатирала дека во трактор, во кој имало две лица од Велешта и едно лице, кое било албански државјанин, нелегално се превезуваат шест кубни метри огревно буково дрво. Дрвата немале прописно поставен жиг, а тракторот немал регистарски таблички. Еден полицаец од патролниот тим влегол во тракторската кабина и со полициско возило како придружба се упатиле кон полициската станица во селото Франгово каде што требало да се преземат натамошни мерки.
Но, во во близина на селото Заграчани, тракторот бил блокиран од автомобил „голф“ без регистарски таблички од кој излегле две лица од селото Велешта. Гневните селани почнале да го навредуваат полицаецот, по што едниот од нив го истуркал возачот на тракторот и со тракторот се упатил кон селото Шум. Во тоа бил спречен од полицискиот службеник од придружбата, кој го запрел тракторот. Во следниот момент, пристигнале повеќе други лица, кои физички го нападнале полицаецот, а дел од нив го спречиле вториот полицаец да го одврати нападот.
Полицискиот тим на граничната полиција приведе едно лице, жител на селото Велешта, а во тек се мерки за пронаоѓање на неколку други лица, од кои едно е албански државјанин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


