| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа-Милевска: Фолклорот е значен сегмент од нашата традиција и мораме да го негуваме

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска се сретна со претставници на  фолклорните ансамбли и, како што истакна, тоа ќе го прави и во иднина.

– Имавме можност со голем број фолклорни ансамбли кои егзистираат во Република Македонија да разговараме за поддршката која ја даваме, за проблемите со кои се соочуваат итн. бидејќи, сепак, фолклорот е навистина еден значаен сегмент од негувањето на нашата традиција, на нашите песни и ора, на сето тоа што го отсликува македонската и фолклорна музика и традицијата која ја негуваме преку целокупната поддршка – рече Канческа-Милевска.

Министерството за култура во континуитет ги поддржува гостувањата на голем број ансамбли низ градовите во Република Македонија и надвор од државата, каде што учествуваат на фестивали, а наградите што ги добиваат се од огромно значење за негувањето на фолклорната дејност и презентирање на државата.

– На денешниот состанок се отвори прашањето за стручноста и вработувањето на голем број стручни кадри во самите здруженија, поддршката која ја добиваат овие здруженија и од локалната самоуправа и проблемите со кои се соочуваат некои од нив во делот на просторот каде што се сместуваат. КУД „Орце Николов“ побара простор и заеднички изнајдовме еден соодветен простор кој со одлука на Влада го доделивме, а тоа е просторот во објектот на Македонската опера и балет, кој се реновира и е во функција на самото културно-уметничко друштво. Ќе се детектираат овие проблеми во делот на просторот – истакна Канческа Милевска.

Таа нагласи дека како Министерство за култура ќе направат една анализа или стратегија која ќе ја понудат на Владата, а се однесува на тоа, оние центри за култура кои ги има во градовите да изнајдат можност на оние здруженија кои се соочуваат со таков проблем да им дадат можност да ги користат тие простори во самите центри со цел да се надмине тој просторен проблем.

003 folklor

Оваа поддршка во делот на проектите, укажа министерката, континуирано ќе продолжиме во таа насока да ја даваме се со цел да пристигнат навистина квалитетни проекти кои ќе бидат поддржани за наша меѓународна промоција во делот на фолклорот.

Претседателот на Комисијата за фолклорна дејност при Министерството за култура, Марко Китевски, рече дека фолклорот, песните заедно со обичаите и другите форми на народната култура се најдобар афирматор на нашата национална самобитност.

– Комисијата при Министерството направи класификација или подредување на ансамблите, на друштвата според одредени критериуми – број на години на постоење, број на членство, настапи на афирмирани фестивали и врз основа на тие критериуми, врз основа на образложените проекти се доделуваат средства – додаде Китевски.

Тофе Дракулевски, уметнички раководител на ансамблот „Орце Николов“, пак, рече дека тоа што е Бразил во фудбалот, Македонија е во фолклорот.

– Македонскиот фолклор, односно ансамблите кои го презентираат каде и да отидат на светските фестивали, каде има натпреварувачки карактер, речиси секој пат сме меѓу првите три ансамбли. Тоа значи дека Македонија има многу квалитетен фолклор. Тоа е гордост на Македонија затоа тоа треба да се негува, поддржува и колку што е можно помага – додаде Дракулевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top