Металург в недела од 18 часот го игра, веројатно, и клучниот меч во фазата по групи во Лигата на шампионите, а нагости во скопскиот ракометен бастион „Борис Трајковски“ им доаѓаат старите познаници од Минск, од екипата на Динамо. Лани „металурзите“ во осминафиналето со две победи го елиминираа белорускиот состав и го забележаа најголемиот успех во клупската историја со пробив меѓу осумтте најдобри екипи во Европа.
– По Барселона, каде што не се прославивме и загубивме убедливо, сега ни доаѓа на гости Динамо Минск, еден исклучително незгоден противник. Не се вртиме назад, поразот е минато, а Лигата на шампионите оди понатаму.
Во недела ни доаѓа противник од Минск во натпревар што многу повеќе ни значи. Не смееме да ги повториме грешките од Барселона и мора многу подобро да одиграме. Го познаваме Динамо бидејќи лани игравме со нив. Исклучително ги респектираме. Во Париз беа до самиот финиш на дуелот со ПСЖ на праг на изненадување. Против Вардар одиграа одлично и сега доаѓаат кај нас. Од овој меч зависат многу работи во нашата група која е апсолутно најсилна во оваа фаза. Динамо е сериозен државен проект со многу влог во клубот, во екипата. Имаат 50 посто странци, односно 8 од 16 ракометари. Доаѓаат со чартер лет, што покажува дека многу очекуваат од овој циклус во Лигата на шампионите.
Ќе имаме доста работа, да ја разбиеме нивната агресивна зона 6-0. Ако не се враќаме навреме Нинчевиќ и Рутенка ќе не казнуваат. Немаме таква можност како Динамо да менуваме две тројки на надворешните позиции и затоа ќе мора да играме уште поцврсто во одбрана. Треба да веруваме во себе, во нашите квалитети. Ја повикувам публиката да ни биде осми играч. Без нив и атмосферата што ја приредија немаше да го победиме ПСЖ. Ни треба повеќе дисциплина, цврста одбрана и да ги сопреме контрите на Динамо. Ако ги оствариме тие елементи во играта имаме шанси за победа – вели Лино Червар.
Голем адут на Металург, како и секогаш, ќе бидат крилните ракометари Дејан Манасков и Гоце Георгиевски. Од Манасков се очекува со брзината да ја разбива противничката одбрана и често да погодува од контри.
– Нѐ очекува, можеби, и најважниот меч на сезоната. Го променија многу составот, имаат многу нови играчи. Тука ја гледам нашата шанса. Мислам дека не се доволно воиграни. Повторно очекувам да реши нашата одбрана. И ние крилните ракометари треба да помогнеме. Ќе се обидеме да дадеме што повеќе повеќе голови за да им ја олесниме работата на бековите. Се надевам дека со поддршка на публиката, која секогаш извонредно нѐ бодри ќе прославиме победа – изјави Манасков.
Од клубот информираат дека само уште околу 200 билети се непродадени на четири дена до натпреварот со Динамо Минск.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.