Поразите во финишот на квалификацискиот циклус ѝ донесоа пад од 11 скалила на македонската репрезентација на ранг-листата на ФИФА. Сега сме на 86. позиција, со 430 поени, како една од селекциите што најмногу назадуваше во однос на претходната листа.
Лидер остана Шпанија со 1.513 поени, а Германија се проби на втората позиција со 1.311 поени, пред Аргентина, која падна за едно место на третата позиција. Италија најмногу загуби во топ-10 по двете нерешени средби со Данска и со Ерменија и од 4. место сега „аѕурите“ се осми. Колумбија им го зеде местото, зад нив е победникот во нашата квалификациска група Белгија, потоа следуваат Уругвај, Швајцарија и Холандија, која има ист број поени со Италија, точно 1.136. Десетката ја затвора Англија, а интересно е што најтрофејната нација Бразил со 5 светски круни, моментно е надвор од топ-10 на 11. позиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.