| четврток, 6 декември 2018 |

Давид Бабунски: Доста со кавги и привилегии, ајде конечно да почнеме да играме фудбал

Давид Бабунски е голема перспектива на македонскиот фудбал, а член на Б-тимот на Барселона, во емотивен текст на својот профил на „Фејсбук“ повикува на единство во репрезентацијата иако и тој потврдува дека има кланови и дека многу работи се нарушени, особено во меѓучовечките односи. Еве го интегрално постот на 19-годишниот играч на Барса и член на селекцијата А на Македонија:

 

„Читајќи ги последните изјави од мои колеги и коментарите на медиумите во Македонија навистина не можам да останам рамнодушен и да гледам отстрана како сѐ ова оди кон уште полоша насока. И точно е сѐ, дека не е во ред, дека е хаос и во соблекувална и пред натпревар и по натпревар. Искрено, мислев дека ќе биде подобро и дека наскоро ќе можеме да ги надминеме сите тие негативности. Но, очигледно е дека не е. А зошто не сум пишал порано? Затоа што сигурно дека нема да бидам јас тој што би правел раздор пред да завршат квалификациите, како што не сакам ни сега, туку само сакам и сега да биде подобро и конечно да тргнеме нагоре.

Но, дали некој ќе преземе нешто, тоа е друго прашање. Зошто не преземал ни до сега? А, јас не само што сум и револтиран, па пишувам, туку веќе се сомневам и дека мојот придонес и мојата жртва значат воопшто некому. Зошто жртва? Па едноставно, со секое доаѓање во репрезентацијата јас жртвувам играње со првиот тим на Барса Б. Бидејќи по секое одење во репрезентација губам право на играње во следните еден или два натпревари, додека се вратам на ритамот на тренинзи и на ритамот на тактичка уиграност со другите во екипата. Да, јас тоа го знам и со моите 19 години правам жртва, бидејки сакам да играм за Македонија. Сакам со Македонија да одам и на ЕП и на СП.

И покрај тоа што можеби жртвувам во тренинзите онаму каде се поквалитетни, онаму каде учам до совршенство да играм фудбал. Тоа е за мене мач со две острици. И јас ја избирам повторно патриотската страна.

Но дали е тоа правилно? Кажете ми вие, како би реагирале да сте на мое место? Резултати нула. Ај што не играме добро, туку немаме ни идеја, ни визија. Немаме ни атмосфера. Сите со сите сме поделени. Насекаде кланови во репрезентацијата. Да, и тоа е точно. Јас тоа го немам ни во Барса ни на тренинзите. Иако таму е уште позабележлива разликата. Сите сме едно. Сите работиме за тимот. Овде треба да сме посплотени затоа што станува збор за нашата земја. Тука не играме за пари. Играме за знамето. Играме за химната. Играм за дедо ми и за прадедо ми. Играм за другарите кои ги имам таму. Играм за роднините. Играм за сите овде што сте ми пријатели на Фејсбук. Играм затоа што верувам дека еден ден ќе играм на Европско и на Светско. Не ИЛИ на европско или на светско. На двете! НЕ, уште поверно, сонувам да освојам Светско првенство со Македонија.

Јас не се плашам од големите соништа. Да. Јас сум Давид Бабунски. Верувам во тоа. Знам дека ќе ми се оствари желбата. Време е да се промени негативниот пат по кој толку време се движиме. Да се промени македонскиот песимистички менталитет. Да тргнеме сите заедно на еден нов пат со победнички, заеднички и позитивен дух.

Но, ајде прво конечно да почнеме да играме фудбал. Вие што треба да носите квалитет на клупа, направете го тоа . Сега е моментот. Од нула да одиме нагоре. Квалитетен тренер, па после да се среди и хаосот во соблекувална. Доста веќе со тоа кој е кој и кој каде игра. Нека играат квалитетните. Ако не ми оди, нека ме сменат. Па, на следниот натпревар ќе се трудам да бидам подобар. Но, вака веќе не може. Сите знаеме што се случува внатре, а сите ќутиме. Доста е. Време е некој да удри на маса и да каже КРАЈ. Еве јас удирам на маса. Го допревме дното. Ја изневеруваме публиката. А таа жртва е најголема. Поголема и од моето неиграње веќе в недела, додека не се вратам пак на континуитетот со мојата екипа. Жртвата ја дадовме. А, сега на ред е да почнеме од нула. Со здрава основа на сите полиња. Вака веќе не оди!

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top