Посредникот во разговорите за спорот за името Метју Нимиц ја свика новата рунда разговори во Њујорк, за 24 и 25 октомври. Од канцеларијата на генералниот секретар Бан Ки-мун информираат дека двајцата учесници во разговорите, Зоран Јолевски од македонска и Адамантиос Василакис од грчка страна, го потврдиле своето учество на средбата.
Форматот на средбата останува ист, со дводневни разговори во седиштето на Обединетите нации, на кои се очекува да учествува и заменикот генерален секретар Џефри Фелтман.
– Амбасадорот Нимиц ќе се сретне со двајцата претставници одделно, а потоа заедно со нив, за да продолжат разговорите под посредништво на Обединетите нации со цел да се изнајде заемно прифатливо решение на прашањето за името, пишува во соопштението испратено од портпаролката Ери Канеко.
Оваа рунда разговори беше најавена од страна на портпаролот на ОН Мартин Несирки при крајот на септември, за време на Генералното собрание на Обединетите нации.
Претседателот на Владата на Македонија Никола Груевски, по средбата со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека Бан најавил и личен ангажман за да се обезбеди продолжување на разговорите, за кои Груевски кажа дека Грција прави се што може за да ги попречи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


