
Зоран Поповски
За фудбал не нѐ бидува, тоа по којзнае кој пат ни го потврдија и квалификациите за мундијалот во Бразил што ги завршивме на последното место во групата А, но сега допрва доаѓаат нашите светли моменти. Време е за кавга, на тој терен сме шампиони. Штета што нема светско првенство во ваква категорија, оти тука ќе бидеме неприкосновени.
Кој краде и лаже, кој кому плаќа за да игра, кој мести и кој кому му смести. И уште многу дилеми ќе паднат како студент на испит. Точно како што Македонија падна во Јагодина. Без мака, без отпор, трагично, срамно, болно. Се случувале и потешки фудбалски порази, но покомплетен од нашиот нема. Ем ни ја наполнија мрежата ем не искараа.
Победата од 5-1 на Србите не е реален одраз на играта што двете селекции синоќа ја прикажаа во Јагодина. Можеше да биде многу поубедливо, барем еднакво на мизеријата што ни ја донесе поразот.
Нашите фудбалски „херои“ немаат време за чекање, ниту да заврши натпреварот и квалификациите, па веднаш застанале во гард. Пауза си е пауза, макар и 15-минутна меѓу две полувремиња. Треба да се искористи без пардон. Како боксери пред старт на последната рунда. Исцрпени од прошетката по теренот, каде не прикажаа ништо, освен најновите модели на копачки, македонските фудбалски ѕвезди се направиле лом во гардеробата. Па, нормално е, вишокот енергија мора да исплива на површина. Србите се силни, со нив не можеме да се надигруваме, а и кој ќе трча сега во селоно Јагодина. Тоа не е терен за класа фудбалери какви што играат за Македонија.
Плус и не ги повикавме сите 200 што мислат дека треба да го носат националниот дрес. Без разлика што само два-тројца вистински заслужуваат такво нешто. Останатите 198 веќе се јавија на „Твитер“, „Фејсбук“ и сите можни социјални мрежи.
„Приватна репрезентација“, „Кој ќе плати, тој ќе клати“, „Сите се со две леви нозе, само јас имам две десни“ и слични „кул“ постови летаат на „Фејсбук“ и на „Твитер“. Да се чуди човек што блескав фудбалски квалитет имаме на располагање. Само никако да го презентираме таму каде што се вреднува, кога се игра за бодови, за победи, на терен. Тука сме последни со само 7 бода, со мизерен крај, со полна мрежа голови, со срамно однесување, со многу неморал и лицемерие.
И сега што да се прави во вакви моменти?
Сигурно не е време за оставки во ФФМ, за темелни промени во пристапот и односот кон националниот дрес, за изработка на фудбалска стратегија, за етика и морал во фудбалот, за чесна работа…. Ќе си најдеме оправдување. Па, и навистина зошто да менуваме?
Подобро е да си продолжиме по патот фудбалски што си го газиме сигурно и безбедно повеќе од 2 децении. Во што сме најдобри? Секако сме шампиони во местење, неработење, поткупување и подметнување, за жолчни и долги дебати без конкретен ефект.
Затоа бујрум на кавга, оти за фудбал не нѐ бидува.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


