Реномираниот француски весник Л`Екип известува дека едниот бод што Пари Сен Жермен го освои на двете гостувања во Скопје има горчлив вкус, а „триколорите“ жалат за победата против Вардар (24-24) што ја испуштија во финишот од синоќешниот ракометен спектакл во салата „Борис Трајковски“.
„Ракометарите на Пари Сен Жермен испуштија чиста победа, а бодот од Македонија има горчлив вкус. Штета за ваквиот исход од гостувањата во Скопје, особено што против Вардар веќе беа прокнижени бодовите. Победата ќе донесеше многу поголема самодоверба кај ракометарите пред гостувањето на Барселона“, пишува Л`Екип.
Речиси сите изданија на француските медиуми известуваат слично, со жал за прокоцканите 5 гола разлика, што францускиот првак ги имаше на неполни 5 минути до крајот. Но и сите без исклучок ја потенцираат атмосферата за паметење што ја приредија вардаровите навивачи. ПСЖ и овојпат потклекна во Скопје и не успеа да победи во вториот меч сезонава во нашиот главен град. Најпрво Металург го клекна на колена најскапиот состав во историјата на ракометната Лига на шампиони, и славеше со 28-26, а потоа и Вардар не дозволи „светците“ да ги освојат бодовите со реми 24-24.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.