
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Што е одлука?
Како се донесува одлука во невозможни ситуации?
Што е разликата меѓу мигот пред да ја донесеш и откако ќе ја донесеш?
Може ли некој да одлучува наместо некој друг?
Постојат ли групни одлуки? Кој го смислил првиот референдум и зошто?
Како и да е, пред да ја донесеш одлуката, не се советувај со озборувач. Воопшто не се советувај.
Ако веќе мораш, советувај се со некој што е на умирање. Ако не можеш да најдеш некој таков, вметни ги во твојата секојдневна агенда прошетките на градските гробишта. Таму медитирај за минливоста.
Кога ќе одиш на местото каде што и царот оди пешки, сети се дека и Соломон носел прстен само за да се потсетува дека сè ќе помине. Цар или просјак, сеедно. Освен во онаа српската реклама за сокови, кога велат дека сè не било едно. Но и тоа е двосмислено, на овој или на оној начин.
Откога ќе ја апсолвираш сеедноста, размислувај за смртта на позитивен начин. Замисли си дека си шеф на некоја невладина организација со наслов „Мисли розово!“ Ако си ја чукнеш главата во некој надгробен споменик, дупло мисли розово, слично како пијаниот кога му се удвостручува визурата.
Ако видиш фатаморгана, не се секирај. Ќе испари додека да трепнеш….
Пред да ја донесеш одлуката, дај оглас во Службен весник дека ги прогласуваш сите свои дотогашни одлуки за неважечки. Потоа справи се со сите халуцинации што ќе ти ги подметне разбрануваната совест на мирен начин. Без да го повишуваш тонот, без да псуеш и без неврастенични тикови. Пред да одлучиш, потруди се барем два дена да спиеш како заклан, со сон на праведник.
Види како си дошол до моментот на нерешителност.
Обиди се да видиш зошто тој момент трае премногу долго. И што е тоа што за само една секунда (помалку или повеќе) може да смени сè. Буквално сè.
Двете зла обиди се да ги видиш како две добра.
Види што е поопасно – да скокнеш во амбисот или да седиш на работ. Во постојано очекување дека некој ќе те бутне.
Ако се прашуваш дали да извадиш бугарски пасош, почекај уште малку, наскоро секое трето дете ќе се раѓа со вграден чип којшто на пасошката контрола директно и по пат на пантомима ќе ѝ реферира за земјата на потеклото. Таа, аналогно на кое било холивудско петпарачко сценарио, на почетокот те инспирира да бидеш патриот, потоа да се трансформираш во шпион, па двоен шпион и накрај да завршиш како Џон Кенеди или Џон Ленон. Може и Џим Морисон, Џенис Џоплин и Џемс Дин. Ако ништо друго на сите им е заедничка буквата Џ. Нема друг клуч.
Никогаш не ја донесувај одлуката поради „нешто“. Или „некого“.
Кога станува збор за животна одлука, (најпрво) види дали трепериш од радост или твојата тироидна жлезда ти поднесува извештај (малцински извештај) дека си меѓу чеканот и наковалната. Ако те заболи грлото или ако ненадејно закачиш вирус, знај дека потсвеста ти праќа порака за тоа дека одиш во погрешна насока. Ако не те заболи грло, а скршиш рака, прст или нога, исто така.
Сите знаци што ќе ти се испречат на патот во вид на сопки и префинети стапици се дело на компулзивната потсвест.
Сите хормонски пореметувања, сите алергии и секаков вид задув се резултат на истото замешателство. Секој што ќе те погледне попреку или во најмала рака зачудено во миговите на твојата неодлучност е обично огледало, со мало конкавно закривување, за да имаш поголема шанса за будење.
Еве ти една вежба: Вдиши длабоко. Запрашај се „Што сакам?“ Почекај една секунда. Не издишувај пред да го видиш одговорот на екранчето на умот.
Седни под некое дрво. Седи сè додека не се почувствуваш како гранка. Не мора да е смоква.
Не се советувај со тетка или со баба, особено ако тетката е стара мома, а бабата со педесет години негувана клиничка депресија. Не му кажувај ништо на твојот психијатар. Сковај таен план за бегство од сопствената биографија.
Смени го името. Набрзина изговарај: бел петел во пепел претал…
Земи една вага. На едната страна стави го твоето лудило. На другата она што луѓето го нарекуваат храброст. Види што ќе превагне.
Или гледаш совршена рамнотежа? Тогаш „јади, моли се и уживај“. Кога на вагата ќе ѝ натежне твоето лудило, ТРЧАЈ. Тогаш сè е готово.
Целиот космос се впрегнал да ти помогне да дојдеш во позицијата win-win… Единствената ситуација во која црвот на сомнежот се престорува во пеперутка којашто не знае дали сонува дека е човек или е човек кој не знае дека е пеперутка.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


