| четврток, 6 декември 2018 |

Активизам

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Ги знаеме дејствата, карактерот и заслугите на граѓанскиот активизам во цивилизираниот дел од светот и тие се, навистина, посебни и маркантни во општествената конфигурација и влијанието врз намалувањето на одредени ригидни и контрапродуктивни аспекти на системите, во кој дејствува овој, пред сè, демократски феномен. Неброени се придобивките во сите сегменти на општеството како резултат на дејствата на граѓанскиот активизам, пред сè, овие придобивки се најизразени во подобрувањето на човековите права и слободи. И, секако, сето тоа не е направено без жртви, а најмногу од сè овие бенефити се постигнати со исклучително морален пристап од страна на самите активисти. Безброј пати во историјата на човештвото феноменот на моралниот и искрен, како и идеолошки доследниот пристап, без оглед на силата и на почетното влијание на граѓанскиот активизам во однос на ригидните сили, се покажувал како позитивен и продуктивен, особено на долги патеки, каде што се пресудни етичката конзистентност и трпението.

Оваа борба за човековите права и слободи е веќе етаблирана во сите цивилизирани делови од светот, а полека, но сигурно продира и во општествата, кои се прилично оддалечени од тие повисоки демократски стандарди, без кои ниедно политичко и социјално уредување не може да се перцепира како современо, хумано и продуктивно во секоја позитивна смисла. Граѓанскиот активизам е константно во движење и во една перманентна структурална, стратегиска и тактичка еволуција.

Но, тој, граѓанскиот активизам, има и свои слаби страни. Тоа е, пред сè, неговото потенцијално помодарство, кое произлегува од романтичниот, алтруистичкиот и естетизираниот имиџ на граѓанскиот активизам, неговото кокетирање со одредени револуционерни и псевдореволуционерни ресентимани, а најмногу поради неговата конспиративна аура и ексклузивистичкиот имиџ, кој дејствува како силен харизматичен магнетизам во однос на сите личности, што сакаат да се почувствуваат себеси како суштински фактор во придвижувањето на тркалото на историјата. Но, токму овие девијантни формации, на веќе доволно промовираната романтичност на граѓанскиот активизам, му ги нанесуваат најголемото зло и штета, на овој, во основа доблесен феномен на човековата активност во современоста. Многу луѓе, немајќи попаметна работа, а тежнеејќи за одредени општествени, па и историски номинации, се инфилтрираат во структурите на граѓанскиот активизам и се обидуваат преку механизмите на овој општествен феномен да се извлечат од дебелата и депресивна сенка на анонимноста. Од друга страна, цели бригади лукративни снобови со силна волја за себепромоција и уште посилна страст за финансиски бенефит, се регрутираат во мрежите на граѓанскиот активизам нанесувајќи му огромна штета и на самото движење, но и на многуте доблесни и корисни проекти за жителите на одредена социјална групација, како и на цели општества. Така во самото милје на граѓанскиот активизам се создава конфликтна состојба, која е, всушност, и најголема закана за конструктивното и функционално дејствување на цели сектори на овие движења. Овие конфликтни состојби не ретко се фактор на контрапродуктивните резултати што се појавуваат на целата општествена сцена, а штетите што се појавуваат и потрошената енергија и време се просто ненадоместливи.

И токму во таа насока се движи македонскиот граѓански активизам, за жал. Значи тука, кај нас, и покрај заложбите на многу искрени партиципиенти во граѓанскиот активизам, имаме една ужасна узурпација на моралните вредности на самопромовираните псевдореволуционерни комесари, на ова, во основа, доблесно движење. По малку е жално за сите тие наивни личности што пристапиле во одредените структури, на вака лажно и хипокритично уредениот граѓански активизам, кој суптилно и итро е реконструиран во платформа за политичка поддршка на одредни партиски центри, желни за освојување на власта по секоја цена, па сега дејствуваат како агитпроповски формации, а најмалку како борци за човековите права и слободи, што, во суштина, и треба да претставува вистинскиот етички и продуктивен граѓански активизам.

Примерите за ова се безбројни во нашата мала и млада држава.

„Активисти повикуваат на граѓанска непослушност и на бојкот на институциите на системот, контролирани од, како што велат – ненародниот тоталитаристички режим, кој по секоја цена треба да се урне, а еве ти ги ваму, се потепаа со аплицирани проекти до истите тие институции и до таа иста власт за време на државните конкурси од кој било ресор, кој излегол со одредени потреби на јавната сцена. И, секако, добиваат пари за нивните сомнителни и безидејни проекти. А кога ќе им посочат за оваа недоследност, тие ламентираат со кучешка патетичност – па тоа се наши пари.

Но, и покрај сè, народот гледа, а своето чувство околу ова го изразува на избори.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top