Републиканскиот конгресмен од Флорида Треј Радел е новиот, 21-ви член на групата на пријатели на Македонија во Конгресот на САД.
Радел вчера најави дека ќе влезе во таканаречениот македонски кокус, на средба со Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон. Радел е новоизбран републикански конгресмен од Флорида.
Неговата изборна единица ги покрива Форт Мајерс и Нејплс, каде Македонија го именува бизнисменот Лу Влашо за почесен конзул, кој придонел за приклучување на конгресменот Радел кон македонската група во Конгресот.
– Бидејќи македонската заедница во Флорида расте, особено во Нејплс, конгресменот Радел ќе овозможи гласовите на овие американски Македонци да бидат претставени во политичкиот врв во Вашингтон. Во пресрет на самитот на НАТО во 2014 година, македонското членство во НАТО и проширувањето на НАТО во целина, треба да се вратат на листата на приоритетите на американската администрација кон Балканот, оцени претседателот на ОМД Методија Колоски.
Конгресменот Радел е член на влијателната Комисија за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот. Поранешен ТВ новинар и конзервативен радиоводител, а пред да биде избран за конгресмен Радел
водел компанија за односи со јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.