И со комбиниран тим без дел од главните ѕвезди од калибарот на Мојсоски, Вугринец, Станиќ и повредениот Миркуловски, Металург си поигра со Партизан и го победи со 26-21 во меч од СЕХА-лигата. Овој дуел им послужи на ланските четвртфиналисти во ЛШ како подготовка за тешкото гостување во Шпанија и пресметката со Барселона во сабота.
Клучна за убедливата победа беше серијата од 6-0 во средината на второто полувреме, кога домаќините од 16-12 направија предност од десет гола разлика, 22-12. Имаше и атрактивни потези за публика, а за Металург е добро што солидна минутажа имаа и младите и талентирани Талевски, Костески, Мартин Манасков, но и ракометарите што поретко играат како Пецаковски, Пешевски, Мандиќ…
Одличен на голот беше и Мијатовиќ, кој во последен час пристигна во редовите на македонскиот вицешампион по заминувањето на Петар Ангелов во Вардар. Тој одбрани 11 удари и еден седмерец, сите во второто полувреме. Пред него еднакво добар беше и Никола Митревски со 9 одбрани и еден седмерец. И погодоците кај победничката екипа беа рамноправно распределени. Атман и Талевски постигнаа по 4, Мандиќ и Пешевски по 3, а квинтетот со по два гола го сочинуваат Пецаковски, Костески, Мартин и Дејан Манасков и Велко Маркоски. Стандардното десно крило на Металург Гоце Георгиевски играше малку и постигна еден гол, како и Гоце Ојлевски.
Металург со 11 бода сега е третопласирана екипа во СЕХА-лигата и единствена без пораз. Партизан е на дното со само една победа во 6 натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


