Владата бега и се плаши од идејата за враќање 15 проценти од Данокот на додадена вредност на граѓаните, порача Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.
– Очигледно, станува збор за желба сите пари да ги контролира и да ги задржува единствено власта. Кој е утка, а кој навистина има елементарни непознавања граѓаните лесно ќе проценат затоа што ДДВ плаќаат речиси секаде, секој ден.
Граѓаните знаат дека плаќаат ДДВ на сметките за вода, струја, телефон, греење. Граѓаните знаат дека плаќаат ДДВ на сметките за леб, масло за јадење, шеќер, на сметките за средствата за лична хигиена и средства за чистење. Знаат дека плаќаат ДДВ при купување облека, обувки, апарати за домаќинство, бензин, при купување на училиштен прибор, автобуска карта, такси-превоз. Граѓаните знаат дека плаќаат ДДВ за купување на стан, куќа, автомобил, велосипед или за градежен материјал и репроматеријали во земјоделството, набројува Узунов.
– Е, тоа е предлогот на СДСМ – да им се врати, и дел од парите на граѓаните од данокот, кој секојдневно и насекаде го плаќаат. Кога враќањето на ДДВ ќе биде директно, кон граѓаните и ефектот од предложената мерка е директен. Со реализација на предлогот на СДСМ до 130 милиони евра, секоја година, директно ќе се вратат кон граѓаните. Со тоа, секое семејство во Македонија, во просек ќе има меѓу 20 и 30 илјади денари годишно, повеќе пари во семејниот буџет, додава потпретседателот на СДСМ.
Народот очекува било кое прашање што е од интерес на граѓаните да биде сериозно разгледано, и од страна на Владата. Доколку власта, или нејзините министри, вице-премиери, сакаат да ги коментираат предлог – мерките кои се во интерес на граѓаните, тоа треба да го направи одржливо, аргументирано, и со факти, вели на прес конференција Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


