Бизнис-заедницата е заинтересирана за владиниот проект за ангажирање странски експерти во македонски компании. Се најавуваат активности за уште повеќе апликации на повикот што трае до 1 ноември, беше посочено на презентација во Владата каде што искуства разменија владини и претставници на сите стопански комори.
Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори, порача дека врз основа на повратните информации од компаниите-членки, бидејќи постои потреба од ангажирање експерти- практичари во одредени сегменти, како од производниот процес, така и од останатите системски потреби во која било компанија, ќе бидат ангажирани експерти од повеќе сектори – производство, ИТ, услужни сектори, што, според Алексов, ќе биде од голема корист за компаниите за зголемување на продуктивноста, ефикасноста и ефективноста во работењето, со што ќе се придонесе за вкупниот економски развој на земјата.
Елисавета Георгиевска од Стопанската комора на Македонија рече дека коморите на презентацијата се договориле целата бизнис-заедница да се ангажира за владиниот повик и можностите што се нудат да стигнат до што поголем број компании.
– Областите не се ограничени, а следна фаза што треба да ја направиме како бизнис- заедница е да анимираме што поголем број компании и да им ја кажеме можноста што ќе следи. Треба да се истакне дека стручната помош ќе биде во делот на практична примена на искуства од европските земји – наведе Георгиевска.
Решат Негавци од Стопанската комора на Северозападна Македонија смета дека преку проектот ќе се помогне развојот на компаниите.
– Особено е важно да се потсетиме на тоа дека одредени наши компании имаат специфични производи за коишто во овој момент ќе значи многу помошта од експертите – рече Негавци.
Спорд Панче Кралев, советникот на премиерот за економија и образование, досега најголем интерес има за експерти за прехранбениот сектор, индустријата за ИТ и од преработувачката индустрија.
Трошоците за престој на странските експерти во домашните компании ќе бидат покриени преку билатералните развојни програми од државите од каде што доаѓаат, Холандија, Германија, Швајцарија, САД …, како држави со висока конкурентност.
Владата го објави повикот преку кој компаниите може да побараат ангажирање странски експерт на 17 септември. За да добијат таква поддршка со помош на Владата, компаниите треба да работат најмалку две години и да имаат минимум пет вработени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


