Вардар го победи Пелистер со 2-1 во најголемото македонско фудбалско дерби и во прекрасен амбиент што го создадоа битолчани на стадионот „Тумбе-кафе“. Се сумираат впечатоците од вчерашниот натпревар, во кој Пелистер поведе, а Вардар на крајот се радуваше. Покрај головите, имаше уште доста шанси за двата состави, еден поништен гол во самиот финиш за Пелистер, но и недозволен инцидент. Навивач на Пелистер влета на теренот и го удри гостинскиот играч Адемовиќ.
– Победата е чиста како солза и жал ми е што порано не го одлучивме натпреварот. Имавме 3-4 идеални шанси и доминиравме во три четвртини од дербито. На Пелистер му припаднаа првите 15 минути, потоа Вардар беше многу подобар. Им честитам на играчите на Пелистер за витешката битка, публиката беше извонредна, со мал исклучок и упадот на навивачот од трибините. Ова е најголемото дерби во Македонија и ако се елиминираат ситните недостатоци, ќе биде уште подобро – изјави за „Република“, Благоја Милевски, тренерот на Вардар.
„Црвено-црните“ направија пресврт на жешкиот терен во Битола кај вечниот ривал и со головите на Адемовиќ и на Стојков заслужено славеа слатка победа. Предност на Пелистер од 1-0 му донесе бразилскиот ас Миранда.
– И овој натпревар покажа колку е израмнето првенството. Слично беше и лани кога до самиот финиш три екипи се бореа за шампионската титула. Сега е уште поизедначено, а добро е за нас што формата ни е во нагорна линија. Вардар игра сѐ подобро, а коцката што недостасува за комплетен шампионски мозаик се навивачите. Се надевам дека ќе се вратат на трибините бидејќи Вардар не е Вардар без нив – дополни Милевски.
Поради паузата што следи, а е предвидена за настап на репрезентациите, Вардар ќе игра ново дерби, со првиот сосед Работнички на 20 октомври. Двете екипи играат добро и се во самиот врв на табелата по 10 кола. И Пелистер ќе игра во Скопје, а рехабилитација по поразот од Вардар, битолчани ќе бараат во Ѓорче Петров против Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


