| четврток, 6 декември 2018 |

ЖРК Вардар со историска победа во првиот настап во Лигата на шампионите

Женскиот ракометен клуб Вардар со историска прва победа го почна дебитантскиот настап во Лигата на шампионите, а успех е забележан во Сан Себастијан против шпанскиот првак Бера Бера. Вардарки се мачеа, не одиграа на посакуваното ниво, но во елитните натпреварувања се бројат победите и бодовите, а „црвено-црните“ успеаја да слават со 23-19.

Од самиот старт Вардар водеше, најмногу со 4 гола разлика, колку што беше и по првиот дел, 12-8 за гостинките од Скопје.

Во продолжението Бера Бера се закани со серија од 4-1 и намали на 12-13, но расположени за игра беа Андреа Лекиќ со 6 погодоци и Јованка Радичевиќ која даде 4 гола, а имаше и доста освоени топки. Вардар повторно се врати на позитива од 4 гола, 21-17 на 3 минути до крајот. Амандин Лејно ги спушти ролетните на голот, прокнижи 7 одбрани, а беше на голот само во вториот дел, па гостинките сосема заслужено се радуваа на победа.

Првиот меч на домашен терен во ЛШ, Вардар ќе го игра на 11. октомври, в петок, против норвешкиот гигант Ларвик. Норвежанките во првото коло ја декласираа Подравка со 34-18.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top