Металург постигна вистински погодок уште пред да почнат натпреварите на четири фронта во новата ракометна сезона. Целта е погодена со пристигнувањето на рускиот репрезентативец Павел Атман. Рускиот Паша дојде во Скопје, а трансферот беше и по малку изненадувачки со оглед дека се работи за еден од најдобрите средни бекови во Европа. Прекарот му е Паша и во досегашните дуели против Металург, како член на Динамо Минск играше кралски. Им зададе многу проблеми на сегашните соиграчи во Порто пред три сезони. Атман беше клучниот ракометар за елиминација на Металург од Динамо Минск во квалификациите за ЛШ. Постигна 5 гола во победата од 27-21 на белорускиот состав. Скопјани се реваншираа лани во осминафиналето на ЛШ (26-23 и 24-22), но и тогаш ракометарот од Волгоград беше одличен со вкупно 11 гола на двата натпревари.
Рускиот ас е млад има само 26 години и во перспектива може уште долго да игра за Металург. Го одликува моќен одраз и топовски удар, многу е силен и жилав, а изненадува со прекрасните асистенции. Експресно се вклопи во составот на македонскиот вицешампион и веднаш стана и миленик на навивачите.
Го одбра Металург како нов клуб, иако како што и самиот изјави имаше понуди од побогати клубови. Што беше пресудно за твоето пристигнување во редовите на македонскиот вицешампион?
Против Металург играв лани во Лигата на шампионите како член на Динамо Минск, сум играл против нив и претходно и одлично го познавам квалитетот на екипата. Ми се допаѓа како играат, начинот на кој се развива клубот, а најмногу од се што овде кај вас народот го сака и го разбира ракометот. Имате вистински навивачи, кои живеат за клубот. Се сеќавам на прекрасната атмосфера кога гостувавме во Скопје со Динамо, а и ми се допадна и целиот спортски амбиент во Македонија. Точно е дека имав понуди и од други клубови, пред се од Веспрем и од неколку германски прволигаши. И Во Минск сакаа да останам, а и мојот поранешен тренер Сегеј Бебешко ми понуди да се преселам во Запорожје во редовите на Мотор. Во Металург ми се отворија портите за настап во Лигата на шампионите, а ќе имам можност да настапувам и во СЕХА-лигата, што е добро за секој ракометар. Ќе имам одличен интензитет на натпревари, што многу ми одговара и само го дополни мозаикот за мое пристигнување во Скопје.
Во Вардар пристигнаа неколку руски репрезентативци, а спонзор е твојот сонародник Сергеј Самсоненко. Имаше ли битка меѓу Металург и Вардар за ангажман на Атман?
Не, немав никакви контакти со Вардар, ниту со нивниот спонзор Самсоненко. Металург беше најконкретен, нивната понуда беше најдобра од сите аспекти и не размислував многу, чиј дрес ќе го носам по заминувањето од Минск. Во редовите на нашиот ривал играат неколку руски репрезентативци и натпреварите меѓу Металург и Вардар ќе бидат дополнителен мотив и за нас, да се надигруваме. Иако досега не сум настапил на дербито, знам дека тие дуели се неизвесни, возбудливи и имаат посебен шарм на овие простори.
Целото интервју со Атман прочитајте го во печатеното издание на магазинот „Република“, што е во продажба од 4 октомври.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.