
Колумнист:
Ацо Станковски
Сведоци сме на тоа како опозициските проинтелектуални кругови креваат глас до небо дека во Република Македонија „режимот“ ја укинал слободата на говорот, а меѓу граѓанството завладеал страв и молк и никој не можел да си го искаже своето незадоволство. Режимот, наводно, ги следел сите и им се заканувал, вршел интелектуален и политички терор, ги отпуштал од работа дрските гласноговорници на народното незадоволство, чиниш сме се нашле некаде во втората или третата деценија од минатиот век, и тоа некаде во болшевичка Русија или, пак, во Хитлерова Германија. Навистина чудна диоптрија и уште почуден слушен апарат имаат овие гласноговорници на „слободата“. На која слобода? На нивната ли специфична и крајно субјективизирана перцепција на слободата, при што, ако тие (овие забегани општествени активисти) не се на власт, тогаш ниедна варијанта нема слобода, слобода на говорот или каква било друга слобода, воспоставена низ процесот на нововековната демократија, која еве веќе цели два века ги освојува слободните визии на цивилизираниот дел на човештвото.
А, тие го користат целиот асортиман на закани и навреди низ нивната реторика, колку борбена и револуционерна, толку вулгарна и манијакална.
Кога ќе дошле на власт, на пример (ова се појавува речиси кај сите нив), ќе беселе, убивале, ќе јаделе живи луѓе и ќе им ја локале крвта на нивните опоненти, сегашните носители на власта и нивните поддржувачи. Навистина парадоксална позиција за најновите ретро-револуционери. Криминалецот да вика „фатете го криминалецот“. Само што тука не станува збор за некој џепчија или крадец на телевизори, туку за актови на убијци во обид, за кои, како што самите најавуваат, доколку дојдат на власт, ќе има екстерминација на спротивставената идеолошко-политичка групација. Не сакам ни да помислам на таквата можност. Не само поради процесот на демократизација во Република Македонија, туку поради ужасната дегутантност на овие визии од една група крајно исфрустрирани личности, за кои недостигот од слобода на говорот е, всушност, недостиг од власт.
Во парламентарната демократија која, на историски план, и идеолошки и политички, го декласира тоталитаризмот, еднаш за секогаш, барем што се однесува до цивилизираниот свет, на власт се доаѓа со избори, каде што граѓанството ја искажува својата волја и ги легитимира носителите на власта за извесен дел од времето. Но, за овие самобендисани и бескрајно амбициозни кловнови на политичкиот живот во Република Македонија, оваа придобивка на мачната и тешка општествена еволуција нема никакво значење. Тие сакаат да бидат на власт по секоја цена, без избори и, ако треба, со крваво востание ќе го урнеле режимот кој го угнетувал, осиромашувал и уништувал народот. Зар не се сеќаваат што правеле во нивните мандати, зар нема некое историско огледало, во кое ќе го видат одразот на нивното бестијално и констернирачко делување во политиката на оваа држава во блиското минато, кога нивното владеење повеќе наликуваше на феудално дивеење отколку на каков било современ политички систем, кој треба да ги генерира националните интереси и благосостојбата на граѓаните. Зар не сфаќаат дека се обезвластени од гласачите поради неспособноста да ја водат политиката и економијата во вистински правец, поради ригидноста на прашањата на слободите од секаков тип, па и слободата на говорот. Можеби нивната квинслиншка политика во однос на „меѓународната заедница“ ги легитимира како добри лакеи во распродавањето на македонските круцијални национални интереси и сега, кога актуелната власт води далеку поавтентична и поконзистентна политика по овие прашања, истата таа дружина од интерес за деградирање на македонската држава и народ, влегува во фаза на очај и паника и почнува да го извлекува скриениот адут од ракавот, а тоа се сите овие необолшевици, здушната финансиска помош за нивното миракулозно дејствување, кое сè повеќе личи на специјална војна против легитимно етаблираниот политички поредок во Република Македонија.
Да, секако, во државава и тоа како има слобода на говор. Инаку, како овие комесари на тоталитаризмот би можеле да дејствуваат на јавната сцена со олку екстремна реторика, со олку силен говор на омраза, со јавно изречени закани по животот на дел од граѓанството, кое не мисли како нив.
Изгледа дека во нашата татковина духот на тоталитаризмот е сè уште многу жив, и покрај сите укажувања за неговото дефинитивно исчезнување на светската политичка сцена.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


