Лино Червар е искусен ракометен волк и не прави иста грешка на двапати. По проблемите со повреди на играчите на Металург во финишот на ланската сезона, хрватскиот стратег ги определи настапите во Лигата на шампионите и домашното првенство како приоритети за оваа сезона. Лани Металург настапуваше на 4 фронта со најдобриот состав, што нема да биде случај и во овој циклус од натпреварите.
Жртва ќе биде Регионалното натпреварување, односно СЕХА-лигата, а Червар одлучи повеќе минутажа да им даде на ракометарите што поретко настапуваат. И против Вардар и со Борац во Бањалука Металург играше со комбиниран состав, а најавата е и дека истото ќе се случи и на дуелот со Нексе, закажан за утре од 17,45 часот.
„Имаме густ распоред со натпревари и имаме малку време за тренинг и воигрување на некои посебни тактички варијанти. Наша цел е добро да ја искористиме СЕХА-лигата, за да им дадеме шанса на оние со послаба минутажа. Регионалното натпреварување е добредојдебно за нив, за да имаат можност да ги презентираат квалитетите. Можеби на дел од средбите ќе играме со најсилниот тим, но најважно ми е да не ни се повтори ланската сезона, кога во финишот се мачевме со повреди“, изјави Червар.
Лани Дејан Манасков и Гоце Георгиевски се повредија на релативно неважни натпревари, по што Металург беше десеткуван за најважните мечеви во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.