Во меѓународните односи замрзнат конфликт е ситуација во која e завршен активен вооружен конфликт, но не постои мировен договор или друга политичка рамка со којa формално би се завршил конфликтот на задоволство на завојуваните страни.
Малкумина од македонските граѓани ја знаат дефиницијата на ситуацијата која се нарекува замрзнат конфликт, а уште помалку досега слушнале за Дин Питман, помошник на државниот секретар на САД, Џон Кери. Високиот функционер во американскиот Стејт департмент воопшто не е важен како име, презиме и функција, туку како извор на сосема нова дефиниција под која официјален Вашингтон го води грчко-македонскиот спор за името. Питман не е случајна фигура во американската политика, ако ништо друго, тој е формален претставник на американската дипломатија во односите со сериозни светски медиуми и како таков не можете да го сведете на обичен чиновник што кажува лични ставови за американската надворешна политика. Она што е целосно збунувачки во неговата изјава за спорот за името е јасното дефинирање на спорот како замрзнат. Тој во неговата изјава што ја пренесе МИА не остави ни малку двоумење дека конфликтот може да има и друга природа, дека има можности за негово решавање, дека во крајна линија САД можат да извршат притисок за завршување на дведецениската балканска сага што е на штета на сите, па вклучително и Америка.
Питман не е случаен човек
Питман е дипломат од кариера во американската дипломатија, кој од 2010 година работи како главен заменик на помошникот на Џон Кери во Бирото за меѓународни организации. Меѓу другите позиции, Питман бил дел од тимот за планирање активности во Европа и агендата за климатски промени. Од 2000 до 2002 година тој е директор за Балканот во Советот за национална безбедност, што доволно зборува за неговите познавања на регионот и на спорот меѓу Атина и Скопје. Има искуство и како конзул на САД во Северна Ирска и како претставник во Ирак што го зајакнува неговото искуство како познавач на оружени спорови. Магистрирал на престижниот Универзитет „Џон Хопкинс“, и тоа на меѓународни односи, што го прави апсолутно релевантен при дефинирањето на спорот за името како замрзнат конфликт.
Прашањето за името спаѓа во категоријата замрзнати конфликти, исто како и територијалниот спор меѓу Ерменија и Азербејџан. Ќе има делегации од секоја земја во светот, најголем дел од функционерите во Стејт департментот, исто така, ќе бидат во Њујорк, државниот секретар, помошниците на секретарите и ќе има можности да се искористи и за вакви помали прашања, но знам дека ова не е мало прашање бидејќи да беше мало, досега ќе беше решено – изјави Питман на брифинг пред Генералното собрание на ОН.
Терминот „замрзнат конфликт“ не се употребува првпат во контекст на спорот за името. Неколку пати и посредникот Нимиц говореше на истата тема, но ниту тој ниту други политички аналитичари, политичари или научници што го следат никогаш не кажаа дека границата е помината и дека спорот е ставен ад акта.
Она што е збунувачки од изјавата на Питман е леснотијата со која тој го смести спорот за името веднаш до арапско-израелскиот и турско-грчкиот конфликт, до спорот меѓу Северна и Јужна Кореја, грузиско-абхазискиот спор, заедно со нешто поновиот грузиско-осетски конфликт и веќе шест децении стариот спор меѓу Индија и Пакистан. Остана нејасно зошто внимателниот американски дипломат со огромно искуство нè прогласи за дел од замрзнат конфликт кога актуелната дефиниција на таквиот вид спорови јасно прецизира дека вакви конфликти неминовно во својата историја преживеал војна. Доколку така ја дефинира грчката политика во 90-тите години кога еднострано прогласи економско ембарго за Македонија, тогаш работата може да биде појасна, но тој немал причина да дава нова дефиниција за состојбата до 1995 година кога, под притисок на Западот, Грција ги крена рампите за македонските стоки и граѓани.
Иако во целата приказна досега Граѓанската војна во Грција не беше дел од преговорите или од официјални односи меѓу двете земји, дел од консултираните не исклучуваат дека во дефинирањето на спорот се пресметува и вооружениот конфликт од 1946 до 1949 година, односно Граѓанската војна во која учествуваа и силите на ДАГ со многу Македонци во нив, но и македонски партизани.
Оптимистите меѓу македонските аналитичари што ги консултираше „Република“ велат дека треба да се бара заеднички именител меѓу настапот на посредникот Нимиц во Скопје и брифингот на Питман во Вашингтон. Ако во Скопје Нимиц првпат во својата историја како преговарач јавно кажа дека не се согласува со грчката страна, при што ги остави настрана македонските ставови, тогаш и сега не треба да се чудиме што американската администрација излегува со ваква дефиниција, велат изворите на „Република“ кои не исклучуваат дека ова е уште една порака до Атина.
Песимистите поинаку ја гледаат изјавата на Питман. Дел од нив ја толкуваат како успех на грчката дипломатија која успеала да ја убеди администрацијата на Обама дека спорот за името е нерешливо прашање и затоа е најдобро сите да кренат раце од него.
Вториот момент што настапот на високиот претставник на американската дипломатија го прави неверојатен е моментот кој во политичката теорија се поврзува со замрзнати конфликти, а кој барем во јавноста не беше присутен во спорот за името. Имено, терминот „замрзнат конфликт“, кој најмногу се користи за дефинирање односи меѓу различни држави во постсоветските конфликти и централна Азија, во последните неколку години главно се употребува за карактеризирање територијални спорови. Сигурно е дека Питман во Вашингтон не говорел за територијалните барања на Златна зора, чии претставници во отсуство на жешки теми и лесни дроги ги споменуваат во своите неонацистички настапи тврдејќи дека кога тие ќе дојдат на власт, ќе ги ослободат „стотиците илјади Грци што се окупирани од славомакедонците во ФИРОМ“. Она што останува да се анализира во овој домен се територијалните барања за кои Грција 49 пати формално ја обвинила Македонија. Се разбира, напишаното важи само доколку Питман, навистина, сакал да каже нешто на темата „спорот за териториите како дел од замрзнатиот конфликт“. Оваа анализа е беспредметна доколку тој на спорот за името му дал нов статус, а притоа коментирал спонтано без потребна подготовка. Но, ако се земе предвид неговата биографија, познавањето на односите во регионов и неговата позиција во Стејт департментот, тоа е малку веројатно.
Нимиц закажа нова средба, Грција бара објаснување од Франција
Втората информација што неделава дојде преку океанот, а е вредна за анализа е најавата на посредникот Метју Нимиц дека наскоро ќе ги повика преговарачите на нова рунда преговори. Или јавноста за време на неговата последна посета на Скопје не ги доби сите потребни информации или тој има нова тактика за надминување на јазот меѓу двете земји. Во случајов Грција одбива, а Нимиц речиси еден месец откако Грција јасно го одби неговиот предлог закажува нова средба со амбасадорите Јолевски и Василакис. Кои адути ги има сега веќе остарениот преговарач се разбира не знаат ни во Скопје ни во Атина. Што се промени откако пред неколку недели тој во Атина беше пречекан со контрапредлог што беше неприфатлив не само за Македонија туку и за него лично, ќе се види веројатно по закажаната рунда разговори. Во меѓувреме, и двете страни во Њујорк се обидуваат да ја претставата својата вистина и своите позиции. Грчкиот вицепремиер и шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос, не чекаше ни момент вториот ден од својот престој во Њујорк по средбата со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, ја кажа старата грчка позиција за едно име за севкупна употреба, иако таа е неприфатлива за Нимиц и за американскиот Стејт департмент. Веднаш по тоа, Венизелос преку својата дипломатска мрежа барал објаснување од официјален Париз бидејќи заменик-директорот во француското МНР задолжен за земјите од западен Балкан најавил дека Франција ја поддржува идејата на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, за паралелни преговори на Македонија за влез во ЕУ и решавање на спорот за името со Грција. Франција е уверена дека доколку двете страни сакаат, спорот може да се надмине за кратко време. Дали ќе останат на тој став и по грчките реакции ќе се знае во декември кога Македонија повторно ќе дојде на дневниот ред во Брисел.
(објавено во 56. број на неделникот „Република“, 27.09.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.