Баерн Минхен во континуитет игра одлично, а вчера супериорно го доби дербито на втората рунда во натпреварите од Лигата на шампионите против Манчестер сити со 3-1. Триумфалниот поход на Баварците, што во минатата сезона заврши со три титули, продолжува. Супериорноста на теренот на момците во црвени дресови е восхитувачка. Го декласираа Сити, играат неверојатно добро и во Бундес-лигата, а во мај годинава ја добија и битката за европската круна.
Најважниот фудбалски меч во 2013 година се одигра во Лондон, на храмот на фудбалот „Вембли“ а Баерн беше победникот, и тоа во пресметката против Борусија Дортмунд (2-1). Финалето на Лигата на шампионите заврши со круна за баварската фудбалска гордост. Историски гледано, клубот од Баварија најзначајната битка ја водеше и ја доби пред 70 години.
Триумф за опстанок против најопасниот можен противник, нацистичката партија на Адолф Хитлер
Во годините непосредно пред Втората светска војна, Баерн изгради силен имиџ на еврејски клуб, со раководни структури составени од припадници на еврејската заедница. Од спонзори, до тренери, административци, па сѐ до навивачи, црвената боја на Баерн беше симбол на Евреите. Тоа претставуваше трн во око за брзорастечката нацистичка партија на Адолф Хитлер, со доктрина да се уништи сѐ што е еврејско.
Во 1932 година Баерн ја освои првата шампионска титула во Германија и веднаш си направи проблем, качувајќи се високо на листата со приоритети за дисциплинирање од страна на нацистичкото движење.
– Нацистите правеа сѐ за да го изолираат клубот, во атмосфера на антисемитизам што ја зафати Германија во тој период. Немаше баш преголемо трпение од нацистите кои тогаш прераснуваа во вистинска сила на политички план да трпат некаков клуб што е познат како Јуденклуб или еврејски клуб – вели историчарот Дитрих Шулце-Мармелинг.
Тој му посвети посебно место на Баерн и неговата историја во книгата што ја напиша со работен наслов „ФЦ Баерн и неговите Евреи“. Во 2011 година излезе од печат извонредното дело на Шулце-Мармелинг и веднаш почна да жнее награди.
– Баерн е респектиран гигант и во Германија и на целата планета, има огромна армија навивачи, па добро е да се знае историјата на клубот – вели Дитрих.
Баерн Минхен – трн во окото на Фирерот
Атаците на приврзаниците на политиката на Адолф Хитлер станувале сѐ посилни, а заложбите биле, ако е можно, да се збрише Баерн од мапата на германскиот фудбал. Актуелниот европски првак не си ја заборава историјата, ниту сегашната генерација фудбалери, преку раководството до навивачите, не ги отфрли премрежјата што некој за нив ги минал, во тешките времиња на нацизмот.
Баерн како клуб бил на работ на згаснување, а еден од најзаслужните за опстанокот и сегашниот оптимален развој е Курт Ландауер. Енергичниот бизнисмен од еврејско потекло, чија визија и умешност е клучна за развојот на баварскиот клуб, ризикувајќи си го животот, од сенка ги водел работите, иако официјално бил разрешен од функцијата прв човек на Баерн. Во 1938 година е уапсен и испратен во злогласниот логор во Дахау. Таму беа егзекутирани или починаа од исцрпеност, болест и од други причини над 30 илјади луѓе. Но, челичната волја на Ландауер, веројатно и помошта од неговите пријатели и безграничната љубов кон Баерн, го одржаа во живот. Курт успева да побегне од логорот и да се префрли на неутрална територија во Швајцарија.
Симпатизерите на Баерн го сметаат за татко на клубот, а често истакнуваат пароли на натпреварите во знак на благодарност до Ландауер. Така беше и на „Вембли“ во Лондон, за финалето во ЛШ, во кое Баерн ја прекина низата од два порази во завршните мечеви и по пост од 12 години го освои шампионскиот пехар.
Фудбалер на гигантот од Минхен си ја барал сликата со Џеси Овенс од нацистите
„Неговиот живот беше Баерн и никој и ништо друго не може да го замени Курт Ландауер“, пишува на препознатливиот огромен транспарент на симпатизерите на Баерн, често истакнуван на натпреварите на овој клуб.
Сепак, Курт не бил осамен во храбрата битка против најголемото зло на 20 век, нацизмот на Хитлер. И сигурно не би успеал да го одржи Баерн ако речиси сите во клубот и неговите поддржувачи од тоа време не биле истомисленци со него. Алберт Бер и Бертолд Копел со живот ја платиле љубовта кон својот клуб, а страдале уште многумина.
Неверојатно храбар е потегот на фудбалерот на Баерн, Вили Зимитсрајтер. Си побарал од нацистите да му ја вратат фотографијата на која е сликан со црномурниот американски шампион во атлетика Џеси Овенс, во 1936 година. За тоа време таквото барање се граничело со самоубиство. Овенс пред очите на Хитлер и на нацистите во Берлин, на Летните олимписки игри, освои 4 злата, што беше голем удар за тогашната власт. Хитлер ги организираше Игрите за да ја презентира доминацијата на нацистичка Германија. Шок му приреди Американецот Овенс, а уште поголем удар е што негов сонародник бара да му се врати заедничката фотографија со јунакот на ЛОИ. Прогонот е неизбежен, но тоа не ја скрши челичната волја на антинаци настроените Баварци. Во 1939 година тие ја одбија наредбата да ги предадат трофеите, што се топеле и подоцна од нив било произведувано оружје за потребите на германската војска. Магдалена Хејдкамп, сопруга на капитенот на Баерн, Конрад Хејдкамп, ги сокрила вредните пехари на својата фарма. Само гордоста на Баварија, клубот што бил симбол за отпор на злосторот на нацистите, одбил да ја изврши наредбата. Речиси сите останати клубови ја прифатиле одлуката да се предадат титулите.
Румениге: Баерн е горд со секое делче од историјата
– Ние сме горди на нашата историја и на секое делче од мозаикот наречен Баерн. Им се восхитуваме на делата на нашите претходници – вели Карл Хајнц Румениге, една од легендите на клубот.
Тој е дел од таканаречената златна ера на „црвените“ во 70-тите и во 80-тите години на минатиот век. Баерн трипати во низа беше европски шампион, во 1974, 1975 и во 1976 година, а Румениге даде свој придонес во последните две. Кај петкратниот шампион на Европа играле многу фудбалски великани од калибарот на Франц Бекенбауер, Паул Брајтнер, Герд Милер, Ули Хенес, Сеп Маер, Клаус Аугенталер, Лотар Матеус, потоа Ран, Шварценбек и уште многу други. Но, Румениге е специфичен пример за успех, од плејадата светски познати имиња што ги произведе баварската фудбалска машинерија Баерн. Тој е актуелен извршен директор на клубот, а велат дека неговата визија и извонредни идеи за развој се најзаслужни за новото будење на фудбалскиот гигант од Баварија. Карл Хајнц двапати беше прогласуван за најдобар играч во Европа, а тој е дел од големиот мозаик што го градеше клубот во еден од најмоќните и најмаркантни спортски колективи во историјата на фудбалската игра.
Во 9 од последните 10 сезони Баерн пријавува поголеми приходи од расходи, како еден од ретките клубови во Бундес-лигата, па и на планетарно ниво.
Поддршка за Ландауер во Швајцарија, навреда за режимот во Германија
Во 1943 година Баерн гостувал во Швајцарија, земја во која успеал да побегне Курт Ландауер и да се спаси од сигурна смрт. Во знак на поддршка на таткото на клубот, фудбалерите се појавиле на терен со транспарент со кој го величале разрешениот претседател на Баерн. Нацистичкиот режим бил понижен од омразениот клуб, но немале начин да го спречат чинот на играчите. Патем, тоа се годините кога сѐ повеќе расте и се шири отпорот против нацистичкиот режим на Адолф Хитлер. Баварската фудбалска машинерија е една од најхрабрите во текот на целиот период од владеењето на злогласниот наци-систем. Тоа му дава посебен белег на гигантот на светскиот фудбал, Баерн.
Петка во Европа, за трето место на вечната листа со шампиони на стариот континент
Со петтиот трофеј во Лигата на шампионите, Баерн го дели третото место со Ливерпул, на вечната листа европски прваци. Баварците го играа јубилејното, десетто финале на „Вембли“, а со триумфот над Борусија Дортмунд имаат 50-процентен ефект. Титулите се освоени во 1974, 1975, 1976, 2001 и во 2013 година. Пред Баерн и Ливерпул се само Реал Мадрид со 9 шампионски круни и Милан со 7. Тоа се и двете единствени екипи што имаат повеќе финалиња од Баварците. Реал одиграл вкупно 12 меча за титулата, а Милан еден помалку. Баерн е германски рекордер со 23 домашни титули, има најмногу триумфи и во Националниот куп (15) и во Лига купот (6) и во германскиот Суперкуп (5).
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Уапсени седум мигранти за силување на тинејџерка во Германија