| четврток, 6 декември 2018 |

Металург и Вардар на загревање во СЕХА-лигата за новите предизвици во ЛШ

Македонските ракометни претставници Металург и Вардар денеска и утре ќе играат натпревари од Регионалната СЕХА-лига против Борац Бањалука, односно Татран Прешов, како загревање за многу поважните мечеви во Лигата на шампионите.

Вечерва од 18 часот Металург ќе игра против Борац, а „сините“ од Автокоманда отпатуваа со комбиниран состав. Во Скопје останаа столбовите на играта на македонскиот вицешампион Ренато Вугринец, Павел Атман, Дарко Станиќ, Ванчо Димовски и Наумче Мојсоски и тие нема да играат против некогашниот југословенски ракометен гигант. Шанса ќе добијат талентираните Мартин Манасков, Маџовски, Пешевски, Костески и Талески, играчи што се дел од Академијата на клубот.

Загревањето во Бањалука ќе биде добре дојдено за нив, а и одморот за најискусните, пред следниот голем предизвик во ЛШ и мечот со Барселона на 12 октомври на гости. Тој меч ќе се игра од 16.15 часот.

metalurg-16

Вардар утре од 17.45 часот ќе ги одмери силите со Татран Прешов во СРЦ „Кале“, во дуел од четвртата рунда во СЕХА-лигата. Следниот меч на „црвено-црните“ е многу поважен, а епицентарот ќе биде СЦ „Борис Трајковски“ на 13 октомври и пресметката меѓу македонскиот првак и Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите.

– Татран Прешов е искусна и квалитетна екипа, играат добар ракомет. Имаат игра која не му одговара на Вардар, тоа лани добро го почувствувавме. Ние што игравме и лани го знаеме тоа, како капитен ќе се обидам и новите играчи што немаат искуство против Татран Прешов да ги упатам во тоа што нѐ очекува во овој дуел. Нѐ очекува тежок противник, тоа мора да го сфатиме максимално сериозно и да се обидеме да победиме и да фатиме добар ритам во овој период – е изјавата на Филип Лазаров.

VARDAR - Barcelona rakomet _011

Тренерот Зоран Кастратовиќ одлучи да го поштеди средниот бек Игор Карачиќ. Хрватскиот интернационалец има повреда на десното рамо и ќе одмори утре. Место него, во составот ќе се врати Илија Абутовиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top