| четврток, 6 декември 2018 |

Андреа Лекиќ – срцето на новиот Вардар

Женскиот ракометен клуб Вардар за краток период направи целосна трансформација и го смени рувото од просечен македонски прволигаш во дрим-тим, кој има застрашувачки моќен состав со мегаѕвезди и од кој се очекува атак на европската круна. Македонија го имаше Кометал Ѓорче Петров, гигант во женскиот ракомет и поранешен европски првак, а сега се создаде нов тим, што го има истиот шарм и капацитет за да се вивне до врвот на стариот континент.

Дел од „црвено-црното“ ракометно семејство е и една од најдобрите плејмејкерки на светот, Андреа Лекиќ. Српската интернационалка игра на позиција што е срцето на секој тим, а во Скопје пристигна со шампионскиот прстен освоен со екипата на унгарски Ѓер.

Љубителите на ракометот во Македонија ја паметат како 21-годишна девојка, од Европското првенство што го организиравме во Скопје и во Охрид пред 5 лета. Лекиќ се претстави во извонредно светло, иако Србија испадна во првата фаза по групи. Како шило се пробиваше низ противничките одбрани, презентирајќи го раскошниот талент, со голови, асистенции и атрактивни потези. Почна со 9 погодоци против Хрватска, 8 им даде на Германките, а гол помалку постигна против Македонија. И тогаш и сега, 5 години подоцна, воопшто не изгледа застрашувачки, корпулентно, па дури се чини дека е премногу нежна да се носи со противничките. Особено во спорт каде има жестоки дуели, многу контакт и динамика. Супериорната техника е најсилното оружје на Лекиќ, а од неа се очекува да биде главниот двигател на моќниот состав на Вардар.

Имам убави спомени од првото гостување во Македонија, на европското првенство во 2008 година. Бев импресионирана од атмосферата, од тоа колку се сака ракометот кај вас. Незаборавни беа моментите со виорењето на големото знаме на трибините. Ја паметам навивачката песна од Тоше Проевски, подршката и симпатиите кон нас, љубезноста на луѓето во Скопје. Спомените се уште посилни, бидејќи играв добро, иако ми е жал што Србија не го мина првиот круг. Сега по вторпат ќе играм во Македонија, овојпат на клупско ниво и се надевам дека ќе ги задоволам вкусовите на ракометната публика, која знае да цени квалитет – вели Лекиќ.

Со само 26 години родената белграѓанка веќе смени 6 клубови, а Вардар е најновата авантура, како што самата вели, на печалбарот Андреа Лекиќ.

-Па така ми личи, како да сум на печалба. Долго сум надвор од дома, веќе седма година играм во странство, но таков е професионалниот живот на многу спортисти. Им велам дома, барем е добро што никогаш не сум подалеку од радиусот од 500 километри – со насмевка на лицето коментира Андреа.

Го има познатиот балкански шарм, истенчено чувство за хумор, и искреност со која плени. Ниту налик на голема светска ѕвезда, статус што според квалитетот и ракометното знаење апсолутно го заслужува. Веднаш на самиот почеток го презентираше смисолот за хумор, со рецептот за привлекување на публика на натпреварите на Вардар.

-Имаме екстра-квалитетен тим и целта секако се врвните резултати, но сакаме на нашите натпревари да има многу публика. Приказната за Металург во Лигата на шампионите, лани, претходно и со атмосферата на европското првенство во Скопје, авантурите на Кометал Ѓорче Петров, кога публиката беше извонредна, е нешто што ќе ни биде цел да го достигнеме и ако можеме и да го надминеме. Имаме и посебен адут. Девојките се атрактивни, играат врвен ракомет, а ако и тоа не помогне ќе играме со тесни шорцеви и маички – се пошегува Лекиќ.

На теренот со неа нема шега, а таа е единствената ракометарка во историјата на играта, што постигнала погодок со удар меѓу нозе и тоа свртена со грб кон противничкиот гол. Со неверојатен потег, во финишот од првото полувреме против Олчим Влчеа, Србинката ја затресе мрежата на Романките. Такви или слични атрактивни потези очекуваат симпатизерите на Вардар во следниот период.

Randers HK vs Gyori Audi ETO KC

Тимот покрај Лекиќ се засили и со извонредните Јованка Радичевиќ, Сираба Дембеле, Амандин Лејно, Алисон Пино, Маја Зебиќ, Татјана Хмирова, тука е и Јулијана Николиќ, попозната за нас како Портјанко, Бегоња Фернандес, Црвенковска, Суслина…. Мега ракометни ѕвезди собрани на едно место, во созвездието на ЖРК Вардар.

-Знам дека многумина се сомневаат како сето тоа ќе функционира. Имаме многу светски познати ѕвезди, а малку позиции во стартната постава. По првите тренинзи се уверив дека ќе бидеме силен, цврст и компактен тим во кој владее здрава конкуренција. Се вклопивме како едно семејство, постојано се дружиме, разговараме, разменуваме мислење. Сите девојки се врвни професионалки и сигурно нема да има проблем, беспрекорно да функционира машинеријата наречена Вардар. Секако дека ни треба време да се навикнеме една на друга, а тимот ќе се гради и ќе расте постојано. Треба да се има трпение, не се прави ништо преку ноќ. На пример Ѓер од каде што дојдов во Скопје, се развива 10-15 години. Нема да бегаме од улогата на фаворити, со оглед на квалитетот што го поседува екипата, но мора да одиме чекор по чекор – коментира новиот креатор на играта на Вардар.

lekic

Првиот чекор е направен во италијанскиот град, Салерно, каде ЖРК Вардар со две победи рутински обезбеди место во Лигата на шампионите. Авантурата во ЛШ за „црвено-црните“ почнува в недела во Шпанија против Бера Бера. Пет дена потоа во Скопје ќе гостува силниот состав на Ларвик, а четвртиот клуб во Д групата од ЛШ е Подравка Вегета од Хрватска.

-Сите знаат дека Вардар е фаворит, но нереално е да се очекува да ги прегазиме противничките. Сите екипи што учествуваат во најквалитетното европско натпреварување, се посебно мотивирани кога играат во Лигата на шампионите – вели Лекиќ.

ЖРК Вардар сезонава ќе игра на четири фронта, па ќе треба добра физичка и психичка подготвеност за да се оствари целта и да се освојуваат трофеи. Андреа е навикната на титули, а таа и Радичевиќ се актуелни шампионки на Европа со Ѓер. Сега во нов дрес со „црвено-црни“ бои ќе се обидат да ја одбранат круната.

-Имавме шанса и двете да си заминеме од Унгарија со 2 титули. И лани бевме многу блиску до шампионската круна, но немавме среќа. Будуќност ја освои титулата, благодарение на повеќе голови постигнати на наш терен, иако по двата меча резултатот беше израмнет (54-54, з.а). Сепак го исправивме киксот со освојување на трофејот на последното издание на Лигата на шампионите, со триумф против Ларвик во финалето. И сега Норвежанките, заедно со Будуќност и Ѓер и се надевам со Вардар, ќе бидат главните фаворити за освојување на Лигата на шампионите. Тука сме јас и Јованка и сите останати квалитетни ракометарки за да се обидеме да стасаме на врвот на Европа, иако нема да биде лесно – додаде Андреа.

 

 

Ракометот го победи каратето

Тренирав карате цели 5 години, но не ми беше интересно, иако и тој спорт е атрактивен. Сепак мене ме влечеше игра со топка и затоа се одлучив за ракомет. Со мојот клуб ОРК Београд не бевме поразени ниту еднаш во натпреварите во јуниорските категории. Бевме шампиони на Белград, и на Србија постојано во тој период. Затоа секогаш со мерак работам со деца и едвај чекам да почнат камповите, објаснува Лекиќ.

На тие собири доаѓаат деца од сите делови на Европа, бидејќи Андреа е светска ракометна ѕвезда, а велат дека се говори на многу јазици, дури и на хебрејски. Желба и е да освои трофеј и со репрезентацијата на Србија на некое од големите натпреварувања. Прва следна шанса е светското првенство, што токму нејзината земја ќе го организира во декември годинава.

 

Пишува: Зоран Поповски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top