Бруно Мартини е легенда на францускиот ракомет и вистински џентлмен, а со гестот што го направи денеска ги заслужи симпатиите на ракометните фанови во Македонија. Поранешниот голман на Монпелје и Кил, сега на функција генерален менаџер на Пари Сен Жермен, испрати писмо до Металург во кое се извинува за спорниот текст на официјалниот клупски сајт на клубот од Париз.
По поразот на ПСЖ од Металург со 26-28, вчера на клупскиот сајт на популарните „светци“ пишуваше:
„Рецептот во Македонија се знае. Притисок врз судиите, дезинформации, итроштини и сето тоа се претвора во премногу жешка атмосфера“.
Мартини по рекацијата на раководството на Металург, но и по критиките од македонските медиуми, испратил соопштение на адреса на македонскиот вицешампион, преку кое ги информира металурзите, дека текстот не коренспондира со вистината и дека веќе е променета неговата содржина на „psghand.fr“, сајт кој е клупски на ПСЖ.
И официјално е наведено дека публиката на импресивен начин го бодрела својот миленик Металург, а парижани воопшто немаат забелешки на атмосферата во салата „Борис Трајковски“. Напротив тие истакнуваат дека било задоволство да се игра пред таква публика. Мартини и ПСЖ велат дека првичниот текст е произволна реакција на волонтер, кој помага да се одржува сајтот на клубот.
Во соопштението се споменува и дека од страна на францускиот клуб воопшто и не споменале никакви дезинформации, што се наведени во спорниот текст и дека сите од Металург максимално се потрудиле, експедицијата на ПСЖ да се чуствува пријатно за време на престојот во Скопје. Парижани го истакнуваат и извонредното гостопримство од страна на македонскиот вицешампион и лански четвртфиналист во ЛШ, Металург и дека ќе возвратат на вистински начин, при гостувањето на лидерот во Ц групата кога „сините“ од Автокоманда ќе гостуваат во Париз.
Тоа е Бруно Мартини, човек што го паметиме како извонреден голман во тандем со извонредниот Тјери Омејер, во златното доба на францускиот ракомет. Вистински спортист и голем џентлмен.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.