| четврток, 6 декември 2018 |

Кој губи има право да се лути, Французите се расплакаа по поразот од Металург

Кој губи има право да се лути, вели народната поговорка, а Французите се расплакаа по поразот од Металург со 26-28. На официјалната клупска страница на Пари Сен Жермен, наместо да го признаат апсолутно заслужениот пораз на својот прескап тим со буџет од над 13 милиони евра, има поплаки на атмосферата во салата „Борис Трајковски“, на наводниот притисок врз судиите и на ред други работи.

„Рецептот во Македонија се знае. Притисок врз судиите, дезинформации, итроштини и сето тоа се претвора во премногу жешка атмосфера“, пишува на сајтот на популарните „светци“.

Ниту еден збор за добрата игра на Металург, ниту комплимент за пречекот на скапите ѕвезди на ПСЖ во Скопје и Македонија, а што е најсмешно, нема ни една буква критика за скромната престава на нивниот тим. Оти тие имаат катарска инвестиција во ракометниот клуб вредна неверојатни 13 милиони евра. Најголема во историјата на клупскиот ракомет и на Лигата на шампионите. Направија дрим-тим од играчи со безброј медали од најголемите натпреварувања, спој на прекалени интернационалци од калибарот на Хансен, на Абало, Нарцис, Бојиновиќ, Онрубија, Мелиќ… Од скапо, поскапо, ама и тоа не беше доволно да се урне македонскиот Давид. Очекуваа лесна победа, а им се случи крах на теренот, па се жалат надвор од него.

metalurg-23

Во име на големиот и моќен Голијат, Французите имаат забелешки на атмосферата, на притисок, на се и сешто. А се од тоа што е напишано на „psghand.fr“ е сосема спротивно од реалноста и од случувањата на вчерашниот натпревар меѓу Металург и ПСЖ.

Најпрво за атмосферата во салата „Борис Трајковски“. Околу 7 илјади гледачи создадоа импресивен амбиент, за жал на ракометниот клуб ПСЖ недостижен кога игра во Париз. Оти тие настапуваат пред театарска публика, во сала што има капацитет од 4 илјади луѓе. Патем нека си ги преслушаат и препрочитаат изјавите на нивните ракометари пред и по мечот. Сите имаа чуено за прекрасната атмосфера во Скопје, што патем и во изјава, дека очекува спектакл во „Борис Трајковски“ го кажа и Данецот Микел Хансен.

На прес-конференцијата по натпреварот гостин ни беше една од живите легенди на францускиот ракомет, Даниел Нарцис. Скромен во однесувањето и како и секогаш голем спортсмен, си призна дека публиката била осми играч на Металург. И дека навивањето било извонредно. Чесно и искрено од Нарцис. Арно ама тие што пишуваат на клупската страница на ПСЖ немаа слух за изјавите на своите миленици.

metalurg-11

Како втор голем проблем е наведено дека имало притисок кон судиите Ојвинд Тогштад и Руне Кристијансен од Норвешка. Тука е излишно да се нуди контрааргумент. Само треба да се погледне снимката од натпреварот и да и се погледне на вистина во очи. Ако судеа за некого, тоа во огромен процент беше во корист на Пари Сен Жермен. Екипа што е пребогата и треба да знае да се носи и со пристрасно судење. Ако воопшто и го има, а вчера во „Борис Трајковски“ тоа не беше во корист на Металург. Напротив, спорните ситуации во голема мерка одеа на воденицата на парижани. Со квалитетот и парите што ги имаат на располагање, трагикомично е да се жалат на арбитражата, туку треба да да газат се пред себе. Арно ама вчера „малиот“ Металург ги декласира на терен, со помош на извонредната публика, но не и со помош на „луѓето во црно“.

metalurg-18

За итроштините што ги наведуваат во текстот, секако дека ги имаше и повторно за жал на ПСЖ не ги презентираа нивните големи ѕвезди, туку домаќините. Премногу итри за гостинските играчи беа Дарко Станиќ, Ренато Вугринец, Павел Атман, Гоце Георгиевски, Дејан Манасков, Ванчо Димовски и сите останати скромни ракометари на Металург. Беа мудри, екстра расположени за игра, блескави, дрски и борбени, за разлика од гостите од Париз. Имаа вистински и прецизни решенија на „паркетот“ скроени по рецептот на ракометниот маг Лино Червар.

И на лаик за оваа игра му е јасно дека во финишот, кога се одлучуваше натпреварот во гротлото во „Борис Трајковски“ комплетно се загуби најпрво гостинскиот стручен штаб, кој немаше решенија за играта на Металург, а потоа и ракометарите на ПСЖ. Одамна не сме го гледале Хансен во послабо издание, а тој секако е еден од најдобрите средни бекови на планетата. Даде само два гола, идентично на учинокот на црномурестиот виор од крилната позиција Лик Абало. Игор Вори заслужено го носи епитетот на еден од најдобрите пикери во историјата на ракометот, но вчера не презентираше ниту мал дел од богатиот репертоар. Светска класа се и Онрубија, Нарцис, Копљар, Гарсија, ама од комплетниот тим на гостите само црногорскиот репрезентативец Фахрудин Мелиќ одигра на препознатливо ниво. Премалку за да се победи Металург, состав што е лански четвртфиналист во Лигата на шампионите и клуб кој континуирано расте од сезона во сезона.

metalurg-16m

Причините за поразот на ПСЖ можат да се најдат само во магиите на ракометната игра, на прикажаното на теренот, никако надвор од тоа. А, во Скопје, во македонското гостопримство и прекрасната атмосфера во салата „Борис Трајковски“ уживале и много пореномирани ракометни состави од ПСЖ, без разлика што тие моментно се најскапи на планетата.

Креаторите на сајтот на парижани можат да се жалат, тоа е нивно право, но јасно им е и ним дека ракометарите на дрим-тимот од Франција повторно со задоволство ќе дојдат во Македонија. И покрај поразот од Металург, ѕвездите на ПСЖ по натпреварот, многу културно, трпеливо и со насмевки одвоија време за фотографирање со нивните обожаватели од цела Македонија. Следен предизвик во Лигата на шампионите повторно ќе им биде да го скротат скопскиот вулкан и да се обидат да го урнат ракометниот бедем во салата „Борис Трајковски“, во натпревар против Вардар на 13. октомври.

Им посакуваме повеќе среќа, а на креаторите на клупскиот сајт на ПСЖ, малку повеќе објективност.

 

Пишува: Зоран Поповски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top