| четврток, 6 декември 2018 |

Металург не ги ферма богатите, петродоларите на ПСЖ изгореа во скопскиот пекол

Металург не ги ферма богатите, а петродоларите на пребогатите катарски инвеститори во ракометниот клуб Пари сен Жермен изгореа во скопскиот пекол. Со подршка на извонредната публика македонскиот вицешампион го победи францускиот дрим-тим со 28-26.

metalurg-5

Ракометарите на Металург приредија врвно спортско шоу, предводени од професорот за оваа игра Лино Червар и апсолутно ги засенија скапите ѕвезди од Париз. Од голот на скопјани со претставата во „Борис Трајковски“ диригираше човекот со сто раце, Дарко Станиќ. Со импресивни 18 одбрани, ги откажа гостинските ракометари од намерата да ги прокнижат очекуваните бодови во Скопје.

Српскиот ас ги котивираше и соиграчите, а блескаше целиот тим. Од неверојатниот борец Павел Атман кој испраќаше проектили кон гостинскиот гол, преку разиграните крила Георгиевски и Манаско, до неуморниот Наумче Мојсовски и светскиот пикер Ванчо Димовски.

metalurg-7

Посебна приказна на ова незаборавно попладне е словенечкиот ракометен шармер Ренато Вугринец. Иако е ветеран, со мудра игра, рационални решенија и 9 погодоци, ја разбиваше одбраната на гостите од градот на „светлината“.

И публиката заслужи честитки, а по успехот на Вардар против Барселона и ремито 29-29, во Скопје не мина ниту најскапиот тим во историјата на Лигата на шампионите. Парите и скапите ѕвезди паднаа пред налетот на борбените, срчани и екстра-квалитени ракометари на Металург.

По овој меч ланскиот четвртфиналист е единствениот тим во групата Ц, кој по две рунди има максимален учинок од 4 бода.

metalurg-10

Пишува: Зоран Поповски

фото: Ѓорѓи Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top