| четврток, 6 декември 2018 |

Металург му покажа заби на богатиот ПСЖ, по првиот дел е нерешено 12-12

Металург одигра одлично во првиот дел од натпреварот против фаворизираниот Пари Сен Жермен, 12-12. Домашниот тим одигра срчано, машки и не дозволи францускиот дрим-тим да доминира на теренот. Напротив ПСЖ имаше предност од еден гол до шестата минута, потоа предводени од извонредниот Дарко Станиќ на голот и од Ренато Вугринец, Металург постојано водеше со по еден погодок разлика, или одржуваше нерешено. Станиќ имаше 6 одбрани по една третина на мечот, Вугринец постигна 3 гола, а и сите останати ракометари на македонскиот вицешампион играа одлично.

rakomet

Момент од мечот Металург – ПСЖ

Долг пост од цели 5 минути без гол имаше на двете страни при резултат 9-9 од 20. до 25. минута. Го прекина Павел Атман со проектил од 9 метри, удар што ја крена публиката на нозе, но не за долго, бидејќи Хансен погоди на спротивната страна за нова рамнотежа, 10-10.  Абало и Гарсија за првпат се запишаа во листата на стрелците, Атман по вторпат ја погоди гостинската мрежа за предност на ПСЖ од 12-11. За да не заминат гостите со предност по првиот дел се погрижи Вугринец со четвртиот погодок.

Интернационалецот од Словенија во редовите на Металург е најефикасен со 5 гола, Станиќ брани во свој стил и со 7 одбрани ја спушти ролетната на голот на Металург, а Атман, Георгиевски и Димовски постигнаа по 2 гола.

Кај гостите Хансен, Онрубија, Абало и Бојиновиќ и Нарцис постигнаа по 2 гола.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top