| четврток, 6 декември 2018 |

Олигарси

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Во посткомунистичкиот свет, во услови на реинкарнирани капитализам, новите богаташи, изникнати како феникси врз пепелта на пропаднатата социјалистичка економија, создадоа услови за нови општествени односи, исполнети со маса девијантни состојби. Посебно во Македонија овие односи меѓу олигарсите и граѓанството добиваат скоро гротескни карактеристики.

Нашата понова историја, посебно онаа од периодот на транзицијата, оптоварува еден огромен дел од оваа финансиска елита со сомнителен, речиси криминален багаж.

Затоа и парадоксот е уште поголем кога гледаме како овој посебен круг на „собирачи на богатството“ се однесува кон останатиот дел од граѓанството, а најекстремниот негативен впечаток се гледа во релацијата што олигарсите ја имаат кон оние граѓани кои со својата креативност и идеализам ја градат цивилизациската инфраструктура и свест во нашата татковина. Впрочем, како да нема никаква врска меѓу финансиската и креативната елита во Македонија. Ваков пример како да нема во светот, посебно во оној дел од светот кој веќе има воспоставено демократски и културни стандарди. Секако, причините за оваа дисконекција меѓу нашите креативни и олигархиски сили е лесносфатлива, а нејзината суштина е во ужасните стравови, што така силно се вгнездени во душите на домашните богаташи, стравови кои сугерираат на евентуалното брзо губење на богатството, исто онака брзо како што е и стекнато преку криминалната приватизација. Помислата да се одвои дел од богатството, со кое би се спонзорирале одредени активности со спортот и културата, им е вистински ноќен кошмар. Во ваквите стратегии за непродуктивно инвестирање на креативните изблици во општеството, олигарсите гледаат залудно арчење на сопствениот финансиски потенцијал. И како што за секој нормален и свесен човек губењето на здравјето е најголемата неволја и проклетство, за олигархот, посебно за оној кој се збогатил преку криминални малверзации, губењето на богатството е најужасниот крај кој може да се замисли. И не само за овие криминогено нафатирани, со богатство, параноици, губењето на големиот имот е ужасен страв и за оние богаташи кои својот имот го наследиле или, пак, го стекнале со силата на својата способност, едуцираност и ентузијазам. Затоа, кога ќе се случи ова, посебно при големите економски рецесии, кога кризата во општествата ги урива и уништува финансиските системи и компании, многу осиромашени и уништени богаташи посегаат по својот живот. Чести се самоубиствата што довчерашните милионери ги прават во ваквите моменти на очај. Веројатно овие стравови и искуства само ги зајакнуваат крајно редуцираните стратегии и тактики на нашите олигарси да се впуштат во какви било непрофитабилни дејности.

Од друга страна, тука е совеста која ги демне во чекор, константно укажувајќи им на нивната неетичност, егоизам и алчност. Со вака оптоварена совест, животот нималку не е розов, а уште помалку исполнет со сатисфакции и радост, што доаѓа од чувството дека некому, на кого му треба финансиска помош, сте му дале поддршка, сте му ги решиле проблемите барем за момент или, пак, дека со својата донација сте направиле нешто добро за општеството, чии жители сме сите ние. Но, кај овие наши уплашени олигарси како да нема вакво преиспитување на сопствената позиција и совест. На какво било провокативно прашање врзано за оваа проблематика, тие здушно укажуваат на државата. Според нив, сите вакви спонзорства и донации треба да останат во доменот на државните активности.

Е сега парадоксот доаѓа до својата кулминација: овие бизнисмени, богаташи, олигарси своите профити ги прават токму од ресурсите и потребите на државата, а кога треба да се донира нешто, да ѝ се возврати на државата за зделките што токму со неа се направени (зошто овие злојазни крлежи не се способни да направат зделки и профити на интернационалниот пазар), тие игнорантски вртат со главите и упатуваат повторно кон скромните капацитети на државата. Еднаш криминалци во душата, засекогаш криминалци. Нивната неетичност се шири околу нив, како неподнослива реа на неморалот, злобата и глупоста. Ова просто го тера човека да ги избегнува со презир овие изроди на совремието.

Ете затоа нема успешен и професионален спорт, ниту, пак, добро развиена хуманитарна инфраструктура, ниту, пак, развиен уметнички пазар. Сè што е вон сферата на државните ингеренции и капацитети, е запуштено и уништено. Исто онака бедно и празно, како и култивираноста и етиката на овие паразити на општествената констелација.

Посебно во својата дегутантност и човечка мизерија, предничат оние богаташи чии профити се темелат врз кршењето и деградирањето на еколошките стандарди. Ем профитираат од државата, ем загадуваат и им го уништуваат здравјето на граѓаните, ем никогаш не реализирале некоја значајна донација на полето на екологијата или здравството.

Затоа така силно избива библиската мудрост, во оваа наша крајно недолична состојба: „полесно ќе ѝ биде на камилата да пројде низ иглени уши отколку на богатиот да влезе во царството небесно“.

И навистина…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top