| четврток, 6 декември 2018 |

Дали сте пасивно агресивни?!

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Пасивната агресија е агресија на прикриен начин, изразена преку пасивност или саботажа, линијата на помал отпор и ниската глава што сабја не ја сече. Ама агресивноста на сабјата никој не ја спори, ниту нејзината легитимност. Главната опасност за овој свет се крие во неможноста да се изрази агресијата. За синдромот на пасивна агресија, затоа, не се говори многу.

Поради играта на случајот, да речеме, ви се случува да бидете учесник во заложничката драма во Најроби. Само поради тоа што сте странец и што влегувате во продавница со препознатливи марки да си ја купите дневната доза грашок со сланина, се изложувате на невиден ризик да бидете искористени. И тоа како заложник во внатрепартиските расправии на двата главни „племенски противкандидати“ за претседател на егзотичната земја. Така, откако станувате несреќен статист во драмата во градскиот трговски центар, во вашата глава е вперен „калашников“. Па сето тоа истовремено го ставате на „Фејсбук“. Не се знае, можеби за една ноќ ќе доживеете милион „лајкови“. А ако преживеете ќе може да глумите херој со покритие!

Ретко кој знае дека опсесивното следење на телевизиските вести, и воопшто сите случувања во интерпретација на медиумите, може да биде еден од главните начини на манифестирање на пасивно агресивно однесување.

По долгогодишно гледање филмови со таква содржина, не може да биде случајност кога барем една сцена ќе ви се случи „во живо“. А потоа, нема да можете со леснотија да процените дали филмовите се прават според животните приказни. Или животните приказни се проектираат од внатрешниот неосвестен кинопроектор што секој човек го носи во себе и во налет на мистицизам милува да го нарече „судбина“.

Секоја мафија има свои непишани правила. Едно од основните правила е дека само мртвиот припадник на здружението може да биде истовремено добар и „поранешен“! Во теолошката литература, затоа, се одбегнува темата за паднатите ангели. На сиромашните им бодат очи не само скапите автомобили, туку и големите стомаци на „богатите“. Тие се принудени да живеат со ветувањата дека нивните мешиња утре ќе престанат да кркорат. И нема да дојде извршител да им ги одземе скапоценостите по дома. Зашто, ги немаат! Освен кркорењето на цревата, сиромавите немаат којзнае што друго. Ако сиромашните не заглават во алкохолизам или наркоманија, или ако не „нагазат“ на некој трендовски вирус од богатата понуда на светската здравствена организација, од типот свински, пилешки, сарс ит.н., ич уво не им чуе на нивниот пат кон ветените блаженства.

Нема полесен начин пасивната агресија да стане стил на живеење, освен преку навиките здобиени уште во првите години од животот, во раното детство.

Пасивната агресија е најбезбедната варијанта за преживување кога не сакате да му подадете рака на давеникот. Вашата резигнираност и неспособност за емпатија е болест, освен ако претходно (БАШ ВИЕ, „ЛИЧНО И ПЕРСОНАЛНО“) не сте го турнале во најдлабокото!

Оваа мошне непопуларна дијагноза има милион опачини. Знае да се преоблече во војни, бомбардирања, киднапирања, заложнички кризи, застрашувања со нуклеарни напади, труење на градските водоводи, уништување шуми, присилни вакцинации, генетски модификувана храна, турбофолк-музика, гангамстилизација на урбаните средини, перење мозоци со пропаганди од секаков тип (особено од типот бернајс), општо заглупување, затапување, зомбиевство воопшто, конспиративни теории на куб, па на квадрат, па, на нано-милион квадрилиони, метафори, афери, митови на граница меѓу сонот и изменетото јаве. Од синдромот на пасивна агресија страдаат современи известувачи од недојдија, философи што си зборуваат себеси во брада, како и сите гласноговорници на религиите што со својата гласност сакаат да ги надвикаат другите, главно поинакви од себе.

Една од главните одлики на овој тип луѓе е да велат „Да“, кога мислат „Не“!

Тие ги менуваат правилата на однесување преку ноќ. Во понеделник „да се биде добар“ значи едно, а во четврток друго!

А сега, пак, за пасивно агресивните луѓе. Тие се несигурни во себеси. Тие се мачат да ги интегрираат особините на доследност, одговорност и отчет во својот систем на вредности и однесување. Тие секогаш ќе го обвинат семејството или државата, особено нејзиниот лош систем на образование, во најмала рака контрадикторен. А во суштина, Цацко им е крив. Или некој друг збор што почнува на буквата Ц… Доминантните родители. Кастрираните учител(к)и. Спреченоста во изразот.

Лицемерните општества.

Минарињата, бурките, слободоумноста, различноста. Секаков вид диригенти. Хоровите. Стадата. Високите врвови што никогаш нема да бидат освоени.

И покрај својата несигурност, пасивно агресивните умеат вешто да се камуфлираат. Потоа глумат сигурност и газат сè пред себе.

Лицемерниот е најбенигната варијанта на пасивна агресија. Ако сме сигурни во неговото лицемерство, доволно е да го читаме наопаку. Така и тој ќе биде сит, а и овците ќе продолжат да глумат.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top