Претседателот на Комисијата за истражување на падот на „кингерот“, Омер Кулиќ, денеска одговарајќи на прашања до каде е работата на Комисијата соопшти дека при анализата на работата на владината служба биле откриени пропусти кои не биле споменати во првиот извештај, јави „Канал 5“.
Кулиќ открива дека црните кутии од авионот повторно ќе бидат пратени на анализи во независна стручна компанија бидејќи првиот пат било утврдено дека во црната кутија во одреден дел немало записи за текот на летот. Ќе се проверува чија е одговорноста за евентуалната неисправност на црната кутија.
– Мора да ги провериме ситe наоди бидејќи има луѓе што се сомневаат дека авионот бил урнат или дека претседателот загинал во терористички напад што е во сферата на теорија на заговор, меѓутоа Комисијата мора да го провери тоа и јавно да соопшти дали е точно – објасни Кулиќ.
Комисијата забележала пропусти кои не се нотирани во првиот извештај кои се однесувале на процедурите за користење на воздушниот простор над БиХ во 2004 година. Кулиќ рече дека преку СФОР се обидуваат да стапат во контакт со генералите на меѓународните трупи кои во тоа време го одредиле начинот на користење на воздушниот простор. Кулиќ смета дека во тие процедури направени од СФОР имало нелогичности.
– Процедурата по која слетувал „кингерот“ кога падна кај Мостар била укината еден и пол месец по несреќата – дополни Кулиќ
Во несреќаата што се случи во 2004 година кај Мостар, освен претседателот, загинаа и осум члена на владината делегација и екипажот. Првата истрага за смртта на Трајковски беше затворена како несреќа која се случила поради пилотска грешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.