Македонскиот ракометен првак Вардар, загуби во Минск од Динамо со 24-26 во премиерниот меч од второто коло од Лигата на шампионите и направи чекор назад во битката за пласман во Топ-16 фазата. По блескавата претстава против Барселона и ремито 29-29, овојпат „црвено-црните“ не беа на посакуваното ниво.
Бековите на домашниот тим правеа што сакаат, а ги предводеше Шелменко со 6 погодоци. Вардарци немаа решение за одбрана од надворешните позиции, иако држеа приклучок до самиот крај. Карачиќ имаше шанса да израмни на 25-25, но извонредниот Пејановиќ одбрани чист зицер вбо дуел еден на еден и потврди дека е светска класа голман. Со 14 одбрани тој беше движечката сила на Динамо и само го потврди епитетот од првото коло кога беше во најдобрата седморка.
На спротивната страна и Страхиња Милиќ бранеше одлично, имаше 13 успешни интервенции, но немаше среќа во самиот финиш. Последниот гол го прими од седум метри, а малку недостасуваше да му го одбрани пеналот на Бомбач. Сепак Словеноцот со доза на среќа погоди за конечни 26-24. Кај Вардар освен Милиќ, солидни беа Дибиров со 6 гола, Алекс Душебаев со 5 погодоци и Тоскиќ кој им задаваше многу проблеми на домаќините на позицијата пикер.
Кај Динамо кој ги прокниѓи првите бодови во Ц групата, Шелменко беше најефикасен со 6 гола, а Бомбач, Рутенка и Доборац по 4 пати ја погодија мрежата на Вардар.
Македонскиот шампион има нов меч во Белорусија, во рамките на Сеха-лигата, а следниот меч од ЛШ им е на 13. октомври против Пари сен Жермен во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


