Вардарци ќе имаат дополнителен мотив за победа против Динамо Минск во Лигата на шампионите, вечерва од 18 часот на гостински терен, а слави Илија Абутовиќ, кој има принова во семејството. Сопругата на бекот на Вардар роди ќерка, па Абутовиќ веднаш по дуелот со Динамо ќе се врати во Скопје и нема да игра против Мешков Брест во рамките на СЕХА-лигата.
Бодовите во Минск се од исклучително значење за македонскиот шампион, а победа би значела значаен чекор кон фазата Топ 16 . Белорускиот состав изненади со квалитетна игра во Париз против богатиот Пари сен Жермен иако загуби со 30-34. Домаќините имаат нов тренер, Словенецот Борис Дениќ, што значи дека ситуацијата е слична како и кај Вардар, каде што кормилото го има Зоран Кастратовиќ, кој е предводник од клупата од оваа сезона.
– Подготвени го очекуваме мошне важниот меч со Динамо. За нас е добро што и Карачиќ и Тоскиќ, кои играа со покачена температура против Барселона, се здрави. Во комплетен состав ќе настапиме во Минск – вели Кастратовиќ.
Идентична цел имаат и домаќините, а, според прикажаното во Париз, Динамо ќе биде опасен ривал за пласман до четвртата позиција во групата Ц, како гаранција за пробив во следната фаза од натпреварите во ЛШ.
– Минатата сезона Динамо Минск првпат играше во нокаут-фазата од Лигата на шампионите и сакаме да го повториме тој успех и сезонава. Барселона и ПСЖ се неприкосновени фаворити во групата. Нашата битка за пласман во Топ 16 ќе биде со двата силни македонски клубови – Вардар и Металург – вели капитенот на Динамо Минск, Дмитри Никуленкау.
За македонската јавност пренос во живо од натпреварот во Минск ќе има на телевизијата „Алфа“ од 18 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.