Драган Аџиќ е најдобриот ракометен тренер во 2012 година, кога станува збор за женските екипи, иако не беше така во изборот на ИХФ (на чуден начин заврши на третото место), а познатиот стратег во интервјуто за официјалната страница на ЕХФ, вели дека македонскиот првак Вардар СЦБТ е меѓу топ-фаворитите за шампионската титула во Лигата на шампионите.
„Вардар СЦБТ има импресивен состав и многу екстра квалитетни ракометарки што е гаранција за успех. Со таков тим тие се сериозни конкурентки за титулата во Лигата на шампионите. Според мене бранителките на трофејот Ѓер имаат најквалитетна екипа и тие се број 1 фаворитки за пехарот и во ова издание на ЛШ. И Крим и Ларвик се во кругот на екипи што имаат потенцијал да атакуваат на шампионската круна заедно со Вардар СЦБТ“, вели Аџиќ.
Тој е тренер во Будуќност, тим што е подмладен, но ќе биде многу опасен во битката за врвот во женскиот клупски ракомет. Аџиќ е врвен стручњак, кој направи чудо најпрво со јуниорската репрезентација На Црна Гора, кога во 2010 година беше освоен бронзениот медал. Потоа ги предводеше Црногорките во сениорска конкуренција во историскиот прв настап на европските и светските шампионати, а во 2012 година стави траен печат во женскиот ракомет.
Со Будуќност имаше победнички поход на европскиот трон во Лигата на шампионите, а потоа на Летните олимписки игри во Лондон со репрезентацијата на Црна Гора се проби до финалето и сребрениот медал. Норвежанките беа поуспешни, но Аџиќ и Црногорките се реваншираа на европското првенство истата година, со триумф во големото финале по две продолженија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.