Ракометарите на Вардар мора експресно да ги остават зад себе импресиите од одличната претстава против Барселона, бидејќи веќе задутре играат нов меч во Лигата на шампионите со Динамо во Минск. Белоруската авантура ќе потрае цела недела, а за „црвено-црните“ потоа следи нов меч со тим од оваа земја, но во СЕХА-лигата.
Во тоа натпреварување тренерот Зоран Кастратовиќ може и да комбинира, а првиот преизвик во среда од 18 часот во Минск е од витално значење. Со евентуален успех против Динамо, Вардар ширум ќе си ги отвори портите кон втората фаза, бидејќи ќе игра со еден од главните ривали за пласман во следниот круг.
Вардарци веќе отпатуваа за Минск, а проблем за македонскиот првак се истоштеноста на ракометарите по тешката битка со Барселона пред два дена. „Црвено-црните“ одиграа фантастичен меч и освоија многу вреден бод во ремито 29-29. Пред операцијата „Минск“, Карачиќ и Тоскиќ се неизвесни, бидејќи играа против Барса со покачена температура, но двоецот што одигра прекрасно против Каталонците веројатно ќе настапи и против Динамо.
Домаќините воопшто не се наивен состав, а прикажаа солидна претстава во првото коло во Париз, против моќниот ПСЖ и загубија по голема битка со 30-34.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.