Под мотото „Битката на Вашиот вистински живот почнува!“, денеска во продажба ќе излезе новата книга на Коста Петров, „Стравот“, која е тематско продолжение на неговата прва книга „Се гледаме на врвот”.
Во првата книга „Се гледаме на врвот“ се откриваат тајните на успехот, во која стравот како тема е само начнат како една од пречките кон успехот. Затоа беше сосема природно оваа чудовишна и неоснована емоција, што ни е пречка во секојдневното себереализирање, да добие свое четиво. „Стравот е повеќе од книга, тоа е повик за будење и повик на битка со нашиот најголем непријател, нашето его и неговата најмоќна алатка – Стравот“, вели авторот Коста Петров за својата втора книга.
Низ несебичното споделување на личните искуства, мисли и чувства, Коста Петров храбро нè води низ нашата психолошка битка, битката која секој од нас треба да ја добие за да може да го живее сето она што Универзумот го подготвил за него. Со својот јасен, сликовит и енергичен јазик поткрепен со активизам, авторот ќе ги поттикне читателите на избор и на храбро делување.
„РАЗБУДИ СЕ! Еден ден, кога веќе нема да бидеш на оваа земја и кога ќе треба да се сретнеш со творецот, тој нема да те праша зошто не живееше како мене, или зошто не живееше како Мојсеј или како Робин Шарма. Тој ќе те праша: „Зошто не го живееше животот што требаше да го живееш?”. Токму поради ова твоја морална одговорност е да го победиш стравот! Подготвен?“ – извадок од книгата
„Стравот“ е во издание на Издавачки центар „Три“, а промоцијата на книгата ќе се одржи денеска во 18 часот пред книжарница „Три“ во ГТЦ во Скопје
Паралелно со своето печатено издание „Стравот” ќе доживее и филмска адаптација, документарен филм во кој неколку македонски јавни личности, преку сопствените доживувања и емоции, плач и смеа ја отсликуваат својата животна приказна за битката со стравот. Промоцијата на филмот е закажана за почетокот на октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.