Десет фотографии на холивудската икона Мерилин Монро од легендарната фотосесија направена шест недели пред нејзината смрт, беа продадени на аукција во аукциската куќа Freemans за 41.000 долари.
Фотографиите, направени за магазинот „Вог“, се дело на фотографот Берт Стерн, кој почина во јуни оваа година. Славната фотосесија се одржала во хотелот Bel – Air во Калифорнија во 1962 година, шест недели пред смртта на Монро. За три дена Стерн успеал да направи повеќе од 2.500 фотографии на холивудската актерка, кои подоцна ги објавува во книга.
Според информациите на сајтот на аукциската куќа, на аукцијата биле понудени десет слики кои Стерн ги направил во текот на првиот ден на фотосесијата, кога тој работел со Монро сам, без шминка и гардероба од списанието „Вог“. Користел бела позадина и природна светлина што им дава на сликите особено, волшебно расположение.
Фотографиите се печатени директно од негативите на Стерн. Првично експертите ја процениле нивната вредност на 10 илјади долари. Конечната тендерската цена за четири пати ја надмина првичната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.