| четврток, 6 декември 2018 |

Тренерот на Тун: Ние сме во подобра позиција, сите очекуваат да загубиме од Металург

Швајцарскиот клуб Вакер Тун ќе дебитира во ракометната Лига на шампиони, а на гости му пристигна силен тим и лански четвртфиналист во ова натпреварување, македонскиот Металург. Од 16,30 часот во Берн се игра натпревар од првото коло во Ц групата, а влогот е голем, бидејќи стартна победа вреди и повеќе од бодовите.

„Ние сме во подобра позиција од Металург, бидејќи гостите ја имаат улогата на фаворит. Сите очекуваат да загубиме, но работите секкогаш не излегуваат според очекувањата. Го респектираме противникот, имаат силен тим и искуство со настапите во Лигата на шампионите, но не се предаваме“, вели тренерот на Тун, Мартин Рубин.

Тун има играно против македонски тим во европските натпреварувања, во Челенџ купот пред две сезони и со две победи го елиминира Тинекс Пролет. Двете средби се играа во Швајцарија, но сега нагости во Берн доаѓа многу посилен состав. Металург со одлични настапи во ЛШ во последните неколку сезони, се промовира на ракометната мапа во Европа како клуб што е респектиран, со тим што има квалитет за високи дострели. Тоа скопјани го докажаа и лани со пласман во четвртфиналето.

„Победата нема да дојде сама од себе. Точно е дека сме фаворити на хартија, но тоа не значи ништо, за триумф треба да се одигра мудро. Имавме најдобра одбрана во ЛШ во минатите две сезони, а нападот ни беше рационален, па сакаме да ги повториме тие елементи во играта и во Берн. Тун ќе биде опасен противник. Сега се екстра мотивирани, бидејќи дебитираат во ова натпреварување, а ќе сакаат да победат лански четвртфиналист. Ние ќе мора да најдеме начин да ги неутрализираме нивните амбиции и да ги потврдиме нашите квалитети“, изјави Лино Червар, стратегот на Металург.

Вицешампионот на Македонија посакува стартна победа во ЛШ и реприза од лани, кога против Шамбери ја најавија блескавата авантура во ЛШ, што ги доведе меѓу најдобрите 8 екипи во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top