Според информациите на „Република“ фудбалската федерација на Македонија веќе донела одлука Металург службено со 3-0 да го добие мечот против Вардар, игран на 1. септември.
Спорна е регистрацијата на фудбалерот Антонио Бујчевски, кој од Еуромилк пристигна во Вардар и својот прв натпревар го одигра токму против Металург во рамките од шестото коло во домашното првенство. Мечот заврши нерешено 2-2, а Бујчевски во дебито за Вардар постигна еден гол.
Проблемот искрсна со валидноста на исписницата со која е регистриран 23-годишниот напаѓач. Таа е издадена на 26. август, за Бујчевски да може да стане нов член на Вардар, но тој играл за Еуромилк два дена подцна. Во таков случај според правилата на УЕФА и ФИФА, мора да се издаде нова исписница со нов датум. Тоа не е сторено, а напротив грешка е направена и во ОФС Гази Баба која дала зелено светло за регистрација на Бујчевски во Вардар, и кај верификационата комисија во ФФМ. И тие врз основа на документите пристигнати од ОФС Кисела Вода со старата исписница од 26. август го верификувале преминот на Бујчевски од Еуромилк во Вардар.
„Црвено-црните“ тврдат дека имаат спортска легитимација за Бујчевски на која има печат од органите во ФФМ што одлучуваат за верификација на трансферот. Ако е така тогаш треба да одговара и некој од општинскиот фудбалски сојуз во Кисела Вода што дозволил на невалидна исписница да се изврши регистрација на играчот и секако одговорност има за луѓе во комисијата за верификација во ФФМ.
Вака испаѓа дека Вардар кој го почитувал новововедениот „Комет систем“, и кој им дал сигнал на „црвено-црните“ дека е се во ред со регистрацијата на Бујчевски, да го загуби натпреварот службено.
Рокот за жалба на одлуката на ФФМ за победа на Металург со службен резултат од 3-0 допрва треба да се објави. Во таков случај Вардар има право на жалба во рок од 8 дена.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


