Во Македонија живеат 1.031.926 мажи. Од нив некаде околу 800.000 се Македонци. Од нив дури 23.510 го носат името Александар. Тоа би значело дека секој 35. Македонец се вика Александар. Зошто Александар е на пиедесталот веќе со години наназад?
– Моето дете има седум години. Го доби името Александар поттикнато, пред сѐ, од национализам и од традиција. Кога се роди Александар живеев во Австралија. Се мислевме какво име да му дадеме. Имаше сугестии да биде американско име, како Џон. Во време кога сѐ што е македонско се негира, во време кога ни негираат име, идентитет, историја, решив да ставам македонско име со традиција. Некако се наметна Александар, вечната тема за дебата – дали Александар бил Македонец. Да, Александар е Македонец и името е македонско – вели Ненад Димовски, кој по седум години живот во Австралија се врати назад во земјава.
Наспроти изјавата за истакнување на национализмот преку името Александар, скопјанката Марија Илиевска вели дека ова име во нивната фамилија се провлекува од генерација на генерација.
– Во секоја генерација имаме по еден Александар. Тоа е традиција со години во семејството на мојот сопруг. Мојот син се вика Александар, свекорот е Александар, детето на золва ми е Александра. Некој од дедовците на мојот сопруг е Александар. Некако се наметнува името и не сакаме да ја прекинеме нашата традиција. Дури и мојата внука од ќерката се вика Саша, како некоја варијанта од името Александар – коментира таа.
Значењето на имињатаМарија… латинско, но и еврејско потекло. Според латинското потекло значи морска ѕвезда, а според еврејското потекло можно да значи: бунтовништво, море од горчина. Најпозната носителка на името е Марија, мајката на Исус Христос.Александар… Бранител на луѓето, заштитник на луѓето, воин. Има канонско потекло и е кованица од глаголите alexo – заштитува, брани и именката andros – човек. Најпознат носител на името е Александар Македонски.
Павле Миленковски е скопјанец вљубеник во историјата. Одредени случувања во неговиот живот не дозволиле тој да ги заврши студиите по историја, но тоа не ја намалила неговата љубов кон историјата. Си ветил дека неговите деца ќе ги носат имињата на, како што вели, античките Македонци, Филип и Александар.
– Уште пред да се оженам знаев дека моите деца ќе носат имиња на историските личности Филип Втори и Александар Македонски. Се роди син ми и се знаеше дека ќе биде Филип. Иако потајно посакував втор син, добив ќерка. Но тоа не беше проблем да останам на тоа што си го ветив. Таа се вика Александра. И кога би се вратило времето, пак би ги ставил истите имиња, без размислување – вели несудениот историчар.
Како Бруно и Лана станаа АлександарПоранешниот пратеник во македонското собрание, Иван Анастасовски, кој денеска работи како професор на Факултетот за физичка култура, на своите деца им даде невообичаено презиме за нашето поднебје – Александар.– За разлика од убедливото мнозинство во Македонија, ние се вбројуваме во редот на авангардно семејство, кое, сепак, се обидува да ги одржува традиционалните вредности. Приказната за тоа дека презимето на нашите деца е нетипично за нашите простори, разговарајќи во кругот на семејството, дојдовме до заклучок дека дедото мој носел презиме Милковски, моите родители и ние Анастасовски, дел од моето пошироко семејство е Атанасовски и тоа било нормално за нас. Гледајќи на тој начин, утврдивме дека е време по второто колено повторно да го промениме презимето, а со тоа да го задржиме името на мојот родител Александар. По некоја логика за овие простори требаше да додадеме (ски) и со тоа децата ќе беа Александр(овски), што, искрено, не ни звучеше убаво. И во една подолга консултација ,сепак, најприфатливо за нас беше да остане името на мојот родител на презимето кај моите деца Бруно и Лана Александар. Што, морам да признам, пред 11 години на луѓето им звучеше налудничаво, ама се навикнуваа, и од оваа временска истанција тоа ќе стане помодарство, кај нас, сепак, е задржана некоја традиција, која ја објаснив погоре – ни изјави Анастасовски.Според податоците од ДЗР во земјава само 80 лица го носат презимето Александровски, а 127 Македонци се презиваат Александров.
Социолозите велат дека кај Македонците се појавува идејата дека се горди што се православни, а уште повеќе дека не се припадници на некоја друга религија или етничка група, поради што се враќаат македонските традиционални имиња.
Зоран Матевски, професорот по социологија на религијата, во една пригода изјавува:
– Македонците се враќаат кон националниот и кон религискиот идентитет. Како одраз на тоа препознавање се даваат имиња што може да се најдат во православниот календар на МПЦ-ОА. Ова време на општествени и на политички кризи, каде што се прават политички и етнички поделби, придонесува луѓето секогаш да се враќаат кон религијата, која им дава некоја сигурност. Затоа, преку давање македонски православни имиња, сакаат да покажат дека се директни наследници на православието. Оваа појава е нормална зашто бројот на убедени (образовани) верници е пораснат.
Се роди КатастрофаСкопјанката Катастрофа живее на Скопска Црна Гора, а приказната е дека е петто женско дете во семејството, поради што татко ѝ решил да ѝ стави име Катастрофа… Планинка, Лимба, Крисула, Лустерко, Кајмачко, Развигорчо, Бранирод, Лакираде, Будимка, Лименка… – ова се имиња што, навистина, постојат во Македонија. Порано се ставале и имиња како Живоин, Војна, Правда… Пред петнаесетина години се ставаа Касандра, Ранду, следуваа Онур, Шехерезад, своевремено хит беше Сандокан… ова веќе е старо и добро познато.Машки:Каменко, Каранфилко, Бранирод, Пламенчо, Методико, Галапчо, Кајмакчо, Развигорчо, Лакираде, ЛустеркоЖенски:Разменка, Нуца, Галабинка, Сокица, Дукадинка, Канаринка, Марулка, Мисирка, Лименка, ТракторкаВо мода е да се стават имиња што ни самите родители не можат да ги запомнат од прва… Малеа, Каелиок, Вега…Во земјава има и човек што не е роден тука, но живее тука. Се вика Господ…
Етнолозите, пак, велат дека порано луѓето ги крштавале децата по името на бабата и на дедото за да се знае од која фамилија потекнуваат. Неретко, додаваат тие, им давале имиња по некој што е успешен на повеќе полиња во селото. Мислеле дека самото име гарантира статус на успешност. За нив тој идентитет значел сигурност и тоа се вика индикативна магија. Верувале дека нивното дете ќе ги наследи способностите на тој успешен човек. Исто е и со ставање на имиња на историски личности, како Марко од Крале Марко, Самуил, Александар, Филип, Гоце, Јане… Ако првото дете им почине и немаат пород, децата ги крстеле Трајче, Стојан, Трајко за да траат. Давале име Здравка за да биде здрава. Сега се враќаат повеќе на старите македонски имиња, кои ги има во православен календар. Ако детето се роди на празник, или еден-два дена пред или по празникот му даваат име на светецот и веруваат дека ќе го штити. Таков е примерот со името Никола, ако се родил на Свети Никола.

Во земјава има 4.249 лица што се викаат Марко. Името Самоил полека исчезнува. Според статистиката 101 Македонец го носи ова име. Како Гоце во регистарот се заведени 6.439 Македонци, а сѐ уште е актуелно името Никола – 15.728.
Александар од независноста до денес.
Најчести албански имиња во Македонија:Мухамед 2.984Фатмир 2.202Али 2.174Арбен 2.048
Статистиката вели дека од 1991 година, па сѐ до денес, најпопуларни имиња во Македонија се Александар, Стефан, Мартин, Филип, Никола и Андреј за машки бебиња. Кај девојчињата, пак, на прво место е Марија, а следуваат Сара, Елена, Ивана и Ангела, а во поново време во групата се приклучуваат и Јана, Ана, Анастасија и Јована. Забележан е и пробивот на имињата Убејд, Ејрон, Блеон, Окан и Јулет, а од женска страна Илирида, Аделиса и Блеона.
Наспроти популарните имиња, во РМ дојде и до губење на дел од старите македонски имиња, кои, буквално, заминаа во историјата. Така во периодот од 1991 година до 2004 година, ниту еден кум не крстил машко дете со имињата Ќиро, Моме, Димчо или Димко. Исчезнуваат и женските архаични имиња, меѓу нив Спаса, Фанка, Крстана, Ристана, Благуња.
Сепак, вистинскиот список на најмаркантните македонски имиња е подолг. Имиња што, навистина, пленуваат со својата инвентивност. Каменко е име на 28 граѓани, Пламенчо го имаат осум лица. Разменка е име на 83 претставнички на понежниот пол во името Дукадинка го носат 69 жени, Галабинка 24, Лимонка дури 252 жени, Сокица 34. Најуникатното име, сепак, е Катастрофа, која нагалено ја викале Кате, име што родителите ѝ го дале на ќерката за да прекинат со многуте женски деца.

Александар кај Македонците, Мухамед кај Албанците
Мухамед е најчестото машко име кај Албанците во Македонија. Дури 2.984 Албанци во земјава го носат името на арапскиот религиски и политички пророк во исламот. Тој починал без машки потомок. Џамијата „Ал Акса“ е местото на кое се смета дека Мухамед воскреснал кон небото. Не оставил потомок, но муслиманскиот свет продолжува да го живее неговото име. Религиозноста, очигледно, е изразена и меѓу Албанците што живеат во земјава. Судејќи според статистиката, секој 75. Албанец во земјава го носи името на арапскиот пророк.
– До пред доаѓањето на исламот на Балканот, името Мухамед (Пофалениот) кај Албанците било непознато. Но потоа, тоа име се прифаќа како дел од традицијата, и тоа во своите различни форми на изговарање: Мехмед, Махмуд, Мемет и Муамет. Името не било изоставено или не излегло од мода ни до денес, и тоа не само кај Албанците, туку и кај другите муслимански народи на Балканот. Во последно време сѐ поголемиот притисок на исламофобијата и навредите врз божјиот пратеник Мухаммед (така изворно се пишува и изговара, со две М) создава поголема љубов кон тој човек и кон тоа име, па може да се забележи и зачестеност на неговата употреба – вели муслиманскиот активист Јасмин Реџепи.
Повеќе од 150 милиони луѓе во светот го носат името Мухамед. Според „Енциклопедија Колумбија“, ова е најчестото име на Земјината топка. Во 2007 година и во 2009 година ова беше најпопуларното име за новороденче во Марсеј и во уште два региона во Франција. Во 2007 година „Би-Би-Си“ извести дека Мухамед е второ најпопуларно име за бебе во Велика Британија. Слично е и во Данска, а името во периодот од 2000 година до 2010 година имаше силен пробив и во САД.
Пишува: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Рече Да: Марија Шерифовиќ во бела венчаница ги изненади сите
-
Ова се најпопуларните имиња за момчиња и девојчиња во Македонија во 2017
-
Марија 35 години носи црнина и трага по вистината: „Тој запали свеќа и рече овде не е закопан твојот син“
-
Ова е Марија, жената која се грижи за најпознатите деца на светот


