| четврток, 6 декември 2018 |

Златна рипка во собата со пијано

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Последниот филм во режија на Игор Иванов – Изи го доживеа својот црвен тепих и гламурозна премиера во битолскиот Дом на културата на 14 септември 2013 година. На големото платно продефилира една многу компактна и добро усогласена група актери, некои веќе етаблирани во својата бранша, и некои, за кои допрва ќе се слушне, како харизматичната и млада штипјанка Наташа Петровиќ, во улога на собарката.

Назад во собата со пијано: дали ликовите со кои се среќаваме таму раскажуваат за проблемите со кои се судира човекот во младото „македонското општество“, или филмот раскажува за некакво универзално дејство на општа потрага по смисла? Во најмала рака, така како што филмофилите се веќе на големо научени да ѕиркаат во светот преку соодветниот ракурс на еден Педро Алмодовар, или Ларс фон Трир, сеедно.

Во срцето на драмата, а далеку од драма: колку македонскиот уметник денес има можност да критикува? Дали воопшто е одржлива таа синтагма „македонски уметник“ во ова совремие на енормен излив на млади Македонци надвор од државата? Што се случува со македонското општество? Дали опстојуваат само тие со розовите очила, или веќе е создаден простор за критичко гледање и размислување? Кој е профилот на луѓето што би можел сериозно да се зафати со некаква анализа на нештата за да има увид и да може да се гледа подалеку и да се оди понапред?

Духот на времето е тој: травестити казнети со лоша дијагноза, прељубници прогонувани од моралната осуда на средината и од сопственото чувство на вина, лезбијки без доволно касмет, уметници потонати во болка и алкохол, ескорт-проститутки и трговци заинтересирани само за пари. Реалност.

Слика воопшто непријатна за гледање, особено кога гледачот е опремен со очила за замаглување на стварноста. Сцените во филмот ќе му се видат мачни, вулгарни или неподносливо брутални во прецизното апсолвирање на „безизлезот“. Единствениот капитал што пијанистот (извонредниот Светозар Цветковиќ) го трупаше во скришната фиока на пијаното: златната рипка што тој (не)сакајќи ѝ ја подари на собарката.

Што симболизира рипката? И што симболизираат парите?
Собарката на крајот на филмот излегува на улица Македонија, искапена во светлина. Оваа малку светлина на крајот на тунелот е семето на надежта со кое режисерот вешто манипулира во текот на целиот филм – ликовите своеволно влегуваат (доаѓаат) во собата, го доживуваат тоа што го доживуваат, и по свој избор остануваат внатре или излегуваат од неа. Зар собарката не можеше порано да го напушти хотелот?

Кога во философскиот речник пишува дека егзистенцијализмот е правец што се занимава со проблемот на постоењето, и кога во книгите на Ками или на Сартр, или во драмите на Бекет се среќавате со тој тип на луѓе, кои се вешти во соочувањето со бесмислата на живеењето, се наоѓате на работ од стапицата да поверувате дека тоа се ликови од книги, од драми, од сценарија. Демек, тоа е фикција. Во животот било „поинаку“.

Главна улога во филмот се звуците од пијаното. Музиката ги раскажува и им прави своевидно израмнување на приказните и на ликовите во нив. На маестрален начин, со многу вештина и неочекувана топлина на невозможните места за тоа, оние чудни, необјасниви точки во животот во кои кривата линија нагло скршнува во непознат правец, истргнувајќи се од секаква можна контрола на местото на настанот, музиката говори за човековиот обид да се соочи со стихијата на случајноста. Виртуозна е изведбата на авторот, Чили Гонзалес.

Искуството на апсурдот или, поскоро, парадоксот на апсурдот се провлекува низ речиси сите приказни што Чили Гонзалес вешто ги преиначува во музика – прашањето за смислата на човековото постоење се поставува на различен начин во сите посебни приказни, кога ликовите се соочуваат со некаква апсурдна или индиферентна ситуација, од каде што единствениот логичен излез може да биде деструктивниот нагон на смртта.

Ако направиме статистички премер на крајното исходиште на ликовите во собата, само еден од нив успева да „излезе“. И тоа, откако го полни куферот со случајно најдените, расфрлани пари околу мртвиот пијанист. Ако собата го симболизира местото каде што во својот концентрат (или дестилат) кулминира драмата на животот, во првиот дел од филмот се случува запознавање со ликовите. Пијаното и звуците што излегуваат од него се животната сила, духот или атмосферата што ја градат ликовите, секој на свој начин, секој со свои карактеристики и со своја судбина. Тоа што некои од нив бидуваат убивани, некои се самоубиваат, а други умираат од природна смрт, или се наслутува нивната сообраќајна несреќа, воопшто не го обременува филмот со суптилната нитка на овој мрачен и сеприсутен феномен на денешницата.

Така и Франкл Виктор, австриски невропсихијатар (основач на егзистенцијалната психотерапија) во својата книга „Зошто не се убивте?“, ја раскажува својата потресна приказна за животот во концентрациски логор. “What is to give light must endure burning“… Тој што ќе го издржи горењето, ќе ја здобие светлината… Вели преживеаниот! Да се преживее логорот и од тоа преживување потоа да се гради нов живот, е основа на неговата логотерапија, или како што уште се нарекува лечење со смисла. Во некоја рака, логотерапијата е буквална примена на тоа што Ниче го вели – тоа што не ме уби, ме направи посилен…

Што значи тоа „посилен“? На крајот ќе се покаже дека целиот човеков живот е една беспоштедна агонија во рингот на самосознанието, фестивал на непрекинато ‘рвење со самиот себе, со смисла или без, сеедно …. Мора ли да има цел?

Така и гледајќи го „Соба со пијано“, филм што трае пократко одошто би сакале, провејува истото прашање – како се најдовме во оваа соба? Што правиме тука?

Соба со пијано е филм што ќе ве натера да го побарате одговорот.

За да ја искуси светлината, човек мора да го издржи огнот…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top