
Колумнист:
Ацо Станковски
Обликот и името го определуваат ентитетот. Оваа древна будистичка определба на активната егзистенција на едно битие јасно ги дефинира аспектите на посебноста. А без посебноста, пак, една субјективност би се втопил и разлеала во општоста и како таква не би можела да ја одразува својата специфичност, која, всушност, и го определува животот како сведоштво и искуство.
Затоа губењето на името опасно чепка во едно дефинитивно исчезнување на субјектот. Можеби во мистицизмот ваквото исчезнување е ултимативната цел на искушеникот. Да се ослободите од персоналистичкиот идентитет, а со тоа и од егото, е еден вид апотеоза или нирвана во будистичката традиција, но и во традицијата на западниот мистицизам. Не сопствената волја, туку волјата на Создателот го води тој, што го оди патот на спознанието и на безусловната љубов кон тоа што е.
Но, во политиката, а посебно во историјата, името е кодот на определување, кој ја создава самата структура на овие дејности и на оваа меморија.
Индивидуалното име, тоа име, кое го носи некоја личност, може и да се менува, во зависност од неговата специфична референца во согласност со незадоволството и со фрустрациите, и тоа е во ред. Но, кога се работи за името на еден народ, тогаш никој, ама баш никој, освен Создателот, не може да го смени тоа име. А грчката влада, или политичката елита на оваа држава, е далеку од каква било помисла на оваа светост. Напротив, тие умислени и возгордеани луѓе, кои својот став го влечат од една искалкулирана и исконструирана историска гротеска, создадена од големите сили во 19 век, векот на империјализмот и на колонијалистичките гео-стратегии, немаат ништо заедничко со каков било мистицизам и спознание на вистината, а најмалку со христијанската доктрина за љубов кон ближниот и разбирање на другиот. Затоа борбата за името, што еве, веќе еден век ја водат македонскиот народ и неговите патриотски првенци, не е само битка за посебноста и за наследството на оваа изнапатена и тажна култура, туку е и ужасно искушение, каде на проба е изнесена целата верба во Бога и неговата незаобиколива правда. Да се отстапи од оваа света и правдољубива војна за името, значи и отстапување од Божјата волја и од светата мисија, што му е доверена на овој богољубив народ.
Пред некоја деценија се појави литературното дело на Алекс Хејли, со наслов „Roots”, или во превод „Корени”, по кое дело беше снимен и сериски филм, кој го обиколи светот. Во делото на овој афроамерикански писател се говори за тешката судбина на дел од африканскиот народ, кој бил заробен од колонијалните криминалци и однесен во ропство, најстрашната дискриминација забележана во историјата на човештвото. Меѓу првите нешта што беа применети од многуте механизми на репресија и малтретирање врз новодојдените африкански робови на новата американска почва, беше укинувањето на идентитетот, кое прво беше реализирано со промената на нивните оригинални африкански имиња.
Се сеќавам на сцената од филмот, кога младото африканско момче, новопечениот роб на плантажата на памук, беше камшикувано речиси до смрт зашто не сакаше да го прифати новото име, кое му беше доделено од господарот на плантажата. На секој нов удар од камшикот по неговиот раскрвавен грб, момчето одново го повторуваше своето име – „Кунта Кинте“, додека мачителот задаваше нови удари во обидот да му го всади името „Тоби“, име, преземено од Стариот завет – „Тобијас“, и веќе вкоренето во западната, во случајот, колонијална култура.
Оваа сцена, во голема мера ме потсети на нашата историја, на мачеништвото на македонскиот народ, кој во сите овие времиња, по цена на огромна болка и напор, се стремеше, и сè уште се стреми, да го зачува светиот аманет од предците, кои беа Македонци по Божја волја. Како, впрочем, што секој народ и култура се тоа што се, по силата и волјата на провидението, што човек, или, пак, некаква политичка елита никако не може да го измени, без оглед на силата што ја има и авторитетот што доаѓа како последица на оваа исконструирана моќ во овој свет. Затоа, сите народи што станале жртви на посилниот, нека добро ги отворат очите, духовните очи, и нека длабоко се поврзат со својата совест зашто попуштањето пред уцената на суетните злобници е попуштање пред неправдата и лагата, а како такво, е отстапување од волјата на Создателот. Денес овие притисоци за капитулација доаѓаат на многу посуптилен и поитар начин, но овој народ има веќе доволно историско искуство и доволно сила и свест успешно да се спротивстави на овие нехумани и безобразни понуди.
Старата арапска мудрост вели: „Ако ме прелажеш еднаш, нека ти е срам тебе, но ако ме прелажеш по вторпат, тогаш срамот паѓа на мене“.
Да не дозволиме повторно да бидеме прелажани, како што тоа беше случај пред 18 години со смената на знамето и на името. Овој пат целата срамота и безобразност ќе паднат на наш грб, а гревот направен кон нашите предци и кон идните поколенија ќе добие библиска магнитуда. Зошто ова име е споменато 22 пати во Библијата, што сведочи за неговата, Богом дадена важност и карактер.
Да не ја менуваме верата за вечера и да не фрламе бисери пред свињи. Македонија останува нашата духовна татковина по Божја волја.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


