Дејан Манасков повторно е голем адут на Металург, ланскиот четвртфиналист во Лигата на шампионите, откако на блескав начин се врати по паузата поради повреда на коленото. Пред вицешампионот на Македонија е нов предизвик во најсилното клупско ракометно натпреварување, а стартот е во Берн против Вакер Тун. Мечот се игра задутре од 16,30 часот.
„Металург има квалитет за победа против Тун, иако Швајцарците не се наивна екипа. Особено добро играат на домашен терен, но ние ги анализиравме и знаеме како играат и кои им се клучните адути. Мора да внимаваме на хрватскиот интернационалец Франиќ кој игра на позицијата лев бек, на десниот бек Исајловиќ и на грчкиот репрезентативец Халкидис, ракометар што е опасен како пикер. Секако дека посакуваме реприза од ланската сезона, кога ја почнавме одисејата во Лигата на шампионите со гостинска победа против Шамбери“, вели Манасков во изјава за „Република“.
Едно од најперспективните леви крила во Европа, на радост на симпатизерите на ракометот, експресно се врати на теренот по операцијата на коленото, што го спречи да му помогне на Металург во финишот на ланската сезона. Особено се почуствува неговото отсуство од составот во четвртфиналниот двомеч против Кјелце во Лигата на шампионите.
„Тоа е веќе минато за мене и едена непријатна епизода, што за среќа заврши без последици. Одлично се чувствувам, како воопшто да не сум бил повреден и како да не сум бил отсутен од ракометните натпревари. Се надевам дека ќе продолжам во ист стил. Имаме одлична екипа, се засиливме со Павел Атман, што ни дава надеж за добра сезона. Со него го добивме тоа што ни недостасуваше, еден бек разбивач, а сега ќе имаме можност за повеќе ротација во тимот“, додава 21-годишниот велешанец.
Металург утре патува за Швајцарија, а пред почетокот на натпреварите во Лигата на шампионите, Манасков ја анализира групата Ц. Составот е извонредно атрактивен, со европскиот гигант Барселона, со најскапиот ракометен тим на планетата Пари сен Жермен, екипа што има буџет од 13 милиони евра, а тука се и нашите Вардар и Металург, Динамо Минск и Вакер Тун.
„Без конкуренција ова е најатрактивната група во новиот циклус натпревари во Лигата на шаммпионите. Веднаш да кажам дека се надевам на успех и на Металург и на Вардар, што би било одлично за македонскиот ракомет. Барселона секогаш е фаворит, Пари сен Жермен е новиот ракометен гигант, со моќен состав, а како убав додаток на целата приказна ќе биде македонското дерби меѓу нас и Вардар. Не смееме да го заборавиме ниту Динамо Минск од конкуренцијата за првите 4 позиции. Белорусите имаат дузина искусни интернационалци и ќе бидат незгоден ривал. Сепак, верувам во квалитетот на Металург. Играме во континуитет четврта сезона во Лигата на шампионите, го имаме и неопходното искуство, а и клубот расте постојано и на играчки и на организационен план“, заврши Манасков.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.