| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети одбрал да не ја дели Македонија

ahmeti

Ахмети одбрал да не се дели Македонија, Тачи не чека позитивен извештај од ЕК – така накратко може да се сумираат главните поенти на лидерите на ДУИ и на ДПА, кои денеска во Тетово имаа одвоени средби со директорот на Директоратот за Западен Балкан во Советот на Европа, Јонас Јонсон и заменик-директорот,Теркел Петерсен, пренесува дописинкот на Плусинфо.

Со лидерите на двете партии претставниците на Советот на Европа разговараа за актуелните политички теми во земјава, стабилноста и безбедноста во регионот и евроинтегративниот процес на Република Македонија.

За време на средбата Ахмети истакна дека регионот има потреба од одржливи политики, дијалог, компромис и помирување. Тој додаде дека кога бил пред раскрсница да избере меѓу поделба на земјата и интеграција, тој го избрал потешкиот пат, со цел да се издигне заедничка држава на еднакви заедници, но истовремено и интегрирана во НАТО и во ЕУ.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи истакна дека годинава од Европската комисија не очекува позитивен извештај за напредокот на Македонија.

– Со жалење констатиравме дека Македонија оди чекор наназад во споредба со другите земји. Јас ги убдеив оти ние многу конструктивно и претпазливо се однесуваме во овие моменти, но, за жал, од страна на Владата не гледаме никаква волја да го поправат овој процес. Извештајот од Европската комисија кон средината на наредниот месец го очекуваме без надежи – рече Тачи.

Претставниците на ЕУ нагласија дека агендата на Брисел за регионот е охрабрувачка, што ги вклучува и односите меѓу Косово и Србија, напредокот на Албанија и Црна Гора, како и политичкиот дијалог во Босна.

За време на средбата Ахмети побара директен ангажман од Европската Унија во решавањето на прашањето со името, потенцирајќи дека спорот не е билатерален проблем, туку бара максимална ангажираност на меѓународната заедница, по примерот на Косово и Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top