Ракометниот клуб Металург ги навикна симпатизерите на добри игри и резултати и пред се на одлична атмосфера во салата „Борис Трајковски“, а викендов имаше вистинска треска за блок-влезници за натпреварите во Лигата на шампионите. Околу 3 илјади билети за цела сезона се продадени само во еден ден во саботата. Долгите редици за да се стаса до вредното парче хартија по цена од илјада и илјада и петстотини денари, потсетија на старите добри времиња кога на спортските натпревари имаше одлична посета.
Се очекува и на натпреварите на РК Вардар и на ЖРК Вардар во Лигата на шампионите салата „Борис Трајковски“ и СРЦ „Кале“ да бидат полни што ветува добра атмосфера на домашните натпревари на трите македоински екипи. Скопје го заслужи приматот за ракометен центар на Европа, како единствен град со три клуба во елитното натпреварување. Уште поинтересно е што РК Вардар и РК Металург се во иста група, па ќе гледаме и градско дерби во ЛШ, а со нив се и гигантот Барселона, и екстремно засилениот Пари сен Жермен.
Шампионот во женска конкуренција, Вардар, преку квалификации се избори за настап во ЛШ, а како домаќини веројатно ќе играат во „СРЦ Кале“ за разлика од двете машки екипи кои ќе ги организираат своите дуели во „Борис Трајковски“. Вардарки се во група со шпанскиот состав Бера Бера, норвешки Ларвик и Подравка од Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.