Сега е јасно дека Владата на Грција не сака спогодбено решение за таканареченото прашање за името на Република Македонија, изјави првиот преговарач во грчко-македонскиот спор, амбасадорот Робин О’Нил.
-Нејзината цел е овој проблем да го остави нерешен до бесконечност. Тоа значи, Македонија да остане со официјалното име Поранешна Југословенска Република Македонија, и исклучена од членство во НАТО и во Европската унија -подвлекува амбасадорот О’Нил за ТВ „Сонце“.
За последната посета на Нимиц, О’Нил е со став дека посредникот „18 години неуморно работеше посредувајќи за да се добие спогодбено решение на спорот, меѓутоа одговорот од страна на Грција на неговиот последен компромисен предлог покажа дека на патот за ставање крај на спорот му дојде крајот.“
– Грција, едноставно, го искористи процесот за да добие на време-бесконечно. Доколку еден преговарачки процес не може да резултира со договор за период од 18 години, крајно време е да се признае дека тоа никогаш нема да се случи, категоричен е првиот медијатор О’Нил.
– Македонија отсекогаш има право да го користи името избрано од страна на својот народ. Грција никогаш немала право да го диктира името на Република Македонија. Владата на Македонија сега треба ова прашање директно да го упати до Обединетите нации и да побара од Генералното собрание да ја прифати Македонија како член под нејзиното уставно име – советува првиот поредник во спорот О’Нил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.