| четврток, 6 декември 2018 |

Нуклеарни заложници

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Последниве месеци бевме сведоци на еден спектакл во продукција на организацијата на Обединетите нации – тоа што во политиката се нарекува „одвраќање“ (deterrence thеory)! Воена стратегија што најмногу се користела за време на Студената војна, како начин на одвраќање на противникот од акција што сè уште ја нема почнато. Парадоксот лежи во грмушката наречена превенција! Преку застрашување, се спречува нешто што ниту се случило, ниту ќе се случи, но лебди во воздухот!

Вистината не прави толку добра во светот, колку што глумењето вистина прави зла, нè подучува Ларошфуко. Како во филмот „Тие гледаат“ ( „They see“) од пред триесетина години, кога главните актери открија една кутија со волшебни очила. Така можеа да ја видат стварноста таква каква што е (!). Сублиминалните пораки од рекламните паноа со илјадници понуди до потсвеста на тој што ги чита, вршат застрашувачко влијание врз однесувањето на обичните луѓе. Тоа е масовна хипноза, една од главните алатки на големите индустрии на светските корпорации за оружје, нафта, лекови… Неолиберализмот преку ММФ и Светската банка влезе на малата врата на збунетите „транзициски“ општества, натоварени со здруженија на стечајни управници. Така, претпријатијата со кутрите работници немилосрдно беа голтани од големите ајкули што си играат со глобусот како со фудбалска топка. И на крајот на секое полувреме цртаат нова мапа на светот.

Кога деновиве секојдневно се расправаа Обама и Путин, обичниот човек имаше две опции. Да ги исклучи сите телевизори. Или да се преориентира на интернет, па добро да внимава на сајтовите што ги посетува. Зашто, ни крив ни должен, може да побудали од бомбардирањето со едната иста тема – дали ќе ја фрлат бомбата, дали ќе ги жртвуваат своите луѓе? И најнакрај, чиј фитиљ е подолг, но не поради обичен натпревар меѓу народите, туку само за потсетување чиј е овој свет, кој владее со него и дека нема шега со закана од тој калибар.

Обединети нации?

Со 25 проценти застапеност, САД се најголемиот финансиер на ООН. По нив се Јапонија, Германија, па другите држави. Истовремено, владата на САД е една од ретките што финансираат институција за ограничување во трката на вооружување. Но, огромна е разликата во буџетот меѓу Министерството за одбрана и Агенцијата за контрола на вооружувањето и разоружувањето. Ваквите институции повторно се дрвцето од кое не може да се види шумата. Силните мировните мисии се камуфлажа за „нивната“ вооруженост до заби и подготвеноста да го уништат тој што стои на нивниот пат на остварување поголем профит. Веќе нема време за чудење.

Војната е детска болест на човештвото, вели Ајнштајн… Ама што ако, кога и за обични сипаници СЗО пропишува лек! И ако не го земеш лекот може да те избрише од лицето на земјата под изговор на зараза! Некоја чудна полуспартанска, полунацистичка методологија за како да се поттурнат „слабите и немоќните“ преку работ на амбисот. Хомосексуалците, силувачите, силуваните, поинаку обоените…

Со ООН претседателствува Секретаријат на чиешто чело стои главен секретар. До 2007 година беше Кофи Анан, сега е Бан Ки Мун од Кореја. (За време на неговата посета на РМ му се допадна Охрид, проектот „Скопје 2013“, и ајварот. Тоа беше истовремено негова прва и последна посета.)

Предвесникот на ОН е Лигата на народите. Некои велат дека овие ОН се копиле на Лигата. Овие меѓународни организации се создавани со цел да ги спречуваат војните. Откога ќе ги предизвикаат.

Лигата на народи е создадена по Првата светска војна, со цел да ја спречи Втората. По Втората светска војна се создадени Обединетите нации (Naciones Unidas) со цел да го претворат светот во едно глобално воено поле со замрзнат кадар на перманентна војна. Остатоците мир се чуваат во музеите, затворите, азилантските логори. Нема мир на планетата Земја, и од ова најмногу заработуваат петте постојани членки на Советот за безбедност на ООН! Преку трговијата со оружје, се разбира. Потоа преку Светската здравствена организација.

На „Си-Ен-Ен“ секојдневно се врти говорот на Мартин Лутер Кинг. Парадокс доволно или треба уште масло на огнот? „I have a dream” се изедначи со туристичка разгледница од егзотична јужноафриканска плажа, реклама за најновите куфери од „Самсонајт“ и вештачката насмевка на убавата арапска стјуардеса. Потоа, лукавата пресметливост на умната Хилари – Кондолиза – Карла, која докторира на тема: „Кореја и нејзините граѓански војни“, и, девалвацијата на Мартиновиот сон е готова…

Недостигаат само уште Неврзаните, за шоуто да биде комплетно.

Додека сите мораат да бидат пелцувани, Неврзаните можат да си го дозволат луксузот на сопствениот природен имунитет. Суверенитет. Другите ги вакцинираат преку сателит. Така современите овци ја добиваат својата задолжителна доза на дигитална хипноза, без оглед на нивното „да“ и „не“.

До целосна нуклеарна војна сè уште не дошло. Некои мислат дека тоа е гаранција дека до неа никогаш нема ни да дојде. Но таква војна може само еднаш да се искуси. Отровната печурка еднаш е отровна. А тогаш ќе биде доцна да се преформулира статистиката. Или и тоа е само извртен поттекст на недолечениот посттрауматски стрес-синдром?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top