Изборите се најприроден тек на настаните во парламентарната демократија на секои четири години, барем кај поголемиот дел од слободниот свет. Но, кога нештата ќе тргнат во хаотичен правец и кога двете страни што го чинат политичкиот живот во една современа и цивилизирана општествена заедница ќе дојдат до непомирливи и крајно неконструктивни позиции, тогаш механизмот на изборите има сила овој ќор-сокак, од кој нема излез, да го промени и со силата на новата констелација, што би произлегла од оваа незаобиколива консултација со народот, да создаде нов политички амбиент, во кој би изникнала нова надеж, за барем малку повеќе разбирање и консолидација. Затоа изборите во ваков политички галиматијас, кој веќе поодамна владее со македонската политичка сцена, се најдобар показател и коректив на веќе екстремно нарушените вредности и принципи на дејствување. Значи, овој веќе ноторен дијалог на глувите, може да се промени со нови парламентарни избори.
Нив, за волја на вистината, и ги предложи премиерот и лидер на владејачката партија, со една единствена цел, да се усогласи македонската политичка сцена, да се амортизира деструктивното и несфатливо инфантилно дејствување на опозицијата, исфрустрирана од повеќегодишната обезвластеност, и да се отстрани фантомот на заложништвото во кое е ставена нашата држава.
Ваквата политичка понуда би била вистински подарок за секоја нормална и конструктивна опозиција во светската политика, но тука овој предлог е повторно дочекан на нож. Имено, опозицијата, која до само половина година инсистираше со сите свои сили да се оди на предвремени парламентарни избори правејќи од ова настојување и политички профит, сега ретерира. Тие не сакаат нови парламентарни избори, тие имаат цел асортиман на оправдување за ваквиот став, но ние знаеме која е причината за ова веќе видено бегство од изборно соочување.
Не треба да сте некој добро информиран и искусен политички аналитичар за да сфатите кои се причините за ваквото безобразно повлекување на опозицијата, која уште не се освестила сосема од последниот нокаут, кој го доживеа на минатите локални избори, кога беше просто прегазена од владејачките сили. И сега фрустрираните опозиционери, со загубен компас и визија за каков било покреативен пристап кон многубројните политички и економски проблеми што ги има оваа земја, ниту сакаат на избори, а од друга страна нивната волја за моќ е посилна од кога било досега и почнува да генерира агресија и подмолни подметнувања, како и низа други помалку или повеќе легалистички модуси за блокада на сите можни конструктивни процеси во државата. Оваа состојба може да се реши само со нови парламентарни избори, ако ги почитуваме уставот и законот, а ако тоа го заобиколиме, тогаш останува само револуционерната акција, како начин за надминување на оваа пат-позиција во политичкиот дискурс на Република Македонија. Но револуцијата е крвава и крајно деструктивна состојба во едно општествено милје и бара речиси фанатична мотивираност на протагонистите. Главното средство на револуционерниот процес за преземање на власта од управувачкиот режим е токму тероризмот. Тоа веќе го гледаме во подалечното соседство, со таканаречената „арапска пролет“. Дури гледаме и епилог од оваа авантура во одредени држави од арапскиот свет, а гледаме и какви ужасни сценарија се случуваат во Сирија, земја, која сè уште се соочува со грозните состојби, во кои ја внесоа големите играчи на глобалната геополитичка сцена. Да се кокетира со револуционерниот романтизам што го прави македонската опозиција е едно несвесно, но сигурно повикување на една голема општествено-политичка несреќа, која не би му ја посакал и на најголемиот непријател, а камо ли на сопствениот народ.
Лесно е да се глуми револуционерна ролја, додека нештата се под контрола и, додека квазиреволуционерноста на несвесните протагонисти е во рамките на еден помодарски егзибиционизам. Но кога монструмот на безредието и на ужасот ќе излезе од својот кафез, а во општеството ќе почнат да се редат труповите на жртвите на политичкиот хаос, тогаш ќе биде тешко да се стави во ред ова премрежје, кое генерира несреќи и јад.
Затоа опозициските лидери, колку и да ги има, нека се отрезнат и нека решат, всушност, што сакаат. Дали се подготвени да ја променат ситуацијата со доблесно и храбро излегување на предвремени парламентарни избори, каде што ќе ги претстават своите идеи и визии за една подобра и подемократска држава, или во овој состав ќе се преумат и ќе зафатат курс на соработка и на конструктивност, во име на подобрување на состојбите кај македонската популација и засилување на имиџот на нашата земја во меѓународни рамки.
Што се однесува, пак, до нивните револуционерни сништа, подобро е да заборават на нив и да ја спуштат агресивната и деструктивна реторика на едно попристојно ниво. Зашто најголеми губитници во вакви неодговорни сценарија ќе бидат токму тие, а токму овој слој политички аспиранти се дел од македонскиот народ, кој во вакви непромислени и невротични сценарија има најмногу што да загуби.
Затоа соберете малку храброст, вие, квазиреволуционерни необолшевици и јакобинци, без каков било боречки стаж, и излезете на избори. Не плашете се од исходот зашто во услови на ваков политички поредок никој нема да ви го конфискува здобиеното богатство и да ве ликвидира.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.